Момент од мечот Данска - Шведска во финалето на СП 2021 / Фото: ЕПА

Шведска и Данска беа меѓу четирите најдобри и на светските првенства во 2021 и 2023 година, како и на ЕП 2022. Во полуфиналињата на тие три првенства играа и Франција, која има шанси за влез во мечевите за медал и на ЕП 2024, и Шпанија

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Шведска и Данска се првите селекции што обезбедија пласман во полуфиналето на 16. Европско првенство (ЕП) за ракометари, кое се игра во Германија, по третото коло на натпреварите во главната група 2. Во полуфиналето в петок Данска ќе игра со второпласираната репрезентација од групата 1, а Шведска со победникот на таа група.
На четврто големо ракометно натпреварување во низа Шведска и Данска се меѓу четирите најдобри репрезентации. Така, тие две репрезентации беа полуфиналисти и на светските првенства (СП) во 2021 и во 2023 година, како и на ЕП 2022. Вкупно петти пат заедно се полуфиналисти на континенталните шампионати, а уште толку пати биле и на мундијалите.
Во полуфиналињата на тие три првенства во 2021, 2022 и во 2023 година играа и селекциите на Франција, која има шанси за влез во мечевите за медал и на ЕП 2024, и на Шпанија. Данска ги освои титулите на СП 2021 и 2023, а Шведска го освои златниот медал на ЕП 2022.
Најтрофејната репрезентација и бранител на златото од претходното ЕП, Шведска, и актуелниот светски првак Данска забележаа победи против своите ривали во третото коло.
Данска ја совлада Норвешка со 29-23 и го обезбеди првото место на табелата со максимални осум бода и досега е единствената со победи на сите натпревари на ЕП 2024, а Шведска славеше на дуелот со Португалија со 40-33 и е втора со два бода помалку.
– Ова беше важен натпревар за целиот тим. За нас беше како мало четврт-финале. Имавме проблеми во првите 15 минути, но потоа одигравме добар натпревар и покажавме колку сме силен тим – рече голманот на Швеѓаните, Тобијас Тулин, кој беше прогласен за најдобар играч на натпреварот со вкупно 10 одбрани.
Во четвртото и последно коло од оваа групна фаза останува трката помеѓу Португалија и Словенија за пласман на третото место во групата, кое носи играње меч за петтото место на ЕП 2024, со третопласираната репрезентација од групата 1. Норвешка и Холандија, по поразите од Данска, односно од Словенија, останаа без шанси за напредок на табелата.
Норвешка го постигна воведниот гол, но тоа беше единствениот пат кога имаше водство, оти трикратниот светски шампион Данска го искористи максимумот од извонредната одбрана на чело со голманот Емил Нилсен (15 одбрани на целиот натпревар, 39,5 отсто) во првото полувреме, за со брзи контранапади да постигне стапка на посед од 34 отсто наспроти 66 отсто на Норвешка во поголемиот дел од првото полувреме. Данска речиси и да не помина во позициски напад, а ја принуди Норвешка на речиси 100 додавања во тој период.

– Во моментов, задоволни сме од тоа како одигравме во одбраната против Норвешка, така што генерално сум среќен. Засега играме многу добро и мислам дека не е лесно никој да игра против нас – изјави Нилсен.
Словенија ја забележа првата победа во главната група 2, против Холандија со 37-34. Словенците водеа и со осум гола разлика во 36. минута. Нилс Ферштајнен постигна 15 гола за да им се приклучи на првите пет на листата на стрелците на ова Европско првенство.
– Направивме грешки, а јас пет технички. Иако постигнав 15 гола, направив грешки што можеби го предизвикаа нашиот пораз. Се вративме откако заостанавме многу и тоа е силата на нашиот тим – рече Ферштајнен.
Вчера на ЕП 2024 на програмата беа натпреварите од третото коло во главната група еден, во кое се сретнаа Хрватска – Исланд, Франција – Австрија и Германија – Унгарија. На табелата водеше Франција со шест бода, пред Унгарија и Австрија со по четири, Германија три, Хрватска еден и Исланд без бод. Г.И.


ВТОРА ГРУПНА ФАЗА

ГРУПА 1
Хрватска – Исланд синоќа
Франција – Австрија синоќа
Германија – Унгарија синоќа
ТАБЕЛА
Франција 3 3 0 0 106-94 6
Унгарија 3 2 0 1 91-81 4
Австрија 3 1 2 0 80-79 4
Германија 3 1 1 1 78-79 3
Хрватска 3 0 1 2 86-91 1
Исланд 3 0 0 3 81-98 0
Идно коло (утре): Австрија – Исланд, Франција – Унгарија, Германија – Хрватска.

ГРУПА 2
Словенија – Холандија 37-34
Шведска – Португалија 40-33
Норвешка – Данска 23-29

ТАБЕЛА
Данска 4 4 0 0 133-104 8
Шведска 4 3 0 1 124-111 6
Словенија 4 2 0 2 117-112 4
Португалија 4 2 0 2 130-139 4
Норвешка 4 1 0 3 117-126 2
Холандија 4 0 0 4 121-103 0
Идно коло (денеска): Холандија – Португалија (15.30 ч.), Словенија – Данска (18 ч.), Норвешка – Шведска (20.30 ч.).

ПОЛУФИНАЛЕ НА ЕП 2024
Данска – втор од групата 1
Шведска – прв од групата 1
мечевите на програмата се в петок


СТАТИСТИКА

  • Листа на стрелци: Мартим Коста (Португалија) 46/66 (69,7 отсто успешност), Матијас Гидсел (Данска) 42/50 (84), Рутгер тен Велде (Холандија) 38/58 (65,5)
  • Најбрз шут: Богдан Радивојевиќ (Србија) 129,46 км/ч.
  • Најбрз спринт: Дилан Нахи (Франција) 31,57 км/ч.
  • Најмногу асистенции: Лук Стеинс (Холандија) 38 (6,33)
  • Најмногу реализирани седмерци: Рутгер тен Велде (Холандија) 18/21 (85.7),
  • Најголемо истрчaно растојание: Лук Стеинс (Холандија) 24,8 км
  • Најмногу одбрани: Константин Мостл (Австрија) 59/166 (25,54 отсто), Андреас Волф (Германија) 57/151 (37,75), Клемен Ферлин (Словенија) 53/191 (27,75).