Коалиција „ќор-сокак“

Постојат многу имиња што ми паѓаат на ум кога станува збор за самонаречената коалиција „Европски фронт“. Секоја нивна постапка, секое нивно предавство, секој нивен настап, изјави за медиуми, бедни извлекувања, стварноста што ја живееме, секој нивен криминал се неисцрпен извор на многу инспиративни имиња, како: „пропаст“, „ајде веќе да ве нема“, „катаклизма“, „сицилијански фронт“, „срам“, „амбис“, „клошари“, „неписмени“, „додворувачи“, „вазелин-коалиција“, „косовски фронт“ и многу, многу други атрибути што ги опишуваат „Европејците“. Дури и не постои такво име што ќе ги сублимира нивните дострели во секоја област. Помислив и на „африкански фронт“, но тоа би било навреда за, да речеме, една земја како Буркина Фасо.
Последно во што се заплеткаа и опозицијата ги фати е претпоставениот голем криминал во УЈП. Исплата на баснословен поврат на ДДВ на тазе формирани фирми, неколкупати препродавани, со непознати газди од Косово, уште долгови за ДДВ кон истите тие, за суми од кои ќе ви се заврти умот. А вие скенирајте сметки за денарче. Да не мислите дека ОЈО ќе поведе постапка по допрен глас или антикорупциската комисија ќе се затрча да го расчисти овој мегаскандал? Веќе и не знам дали ова „мега“ одговара на ситуацијата. Толку вакви афери се случуваат секојдневно што градацијата е невозможна. Ама ништо не ги мрднува од тежиште. Продолжуваат со исто темпо да ги осиромашуваат граѓаните, а самите да збеснуваат од пари. И да им покажуваат среден прст на САД и на ЕУ, од кои добија многу јасни опомени (во дипломатски жаргон, инаку шамари) за крадење. Надежта е дека истите тие што ги донесоа на власт сега ќе ги дувнат како овенат лист (од марихуана). Дури и уште да ги крепат на респиратори, во што не верувам, јадосаниот народ секако ќе им пресуди. Прекуглава му се.
А колку се способни и одговорни видовме и со драмата со вадењето лични документи. Омбудсманот Зибери вели немало обрасци за документи. Замислете, ви даваат лажен телефон на кој никој не се јавува, божем да закажете термин. Отворија пункт во населбата Пролет каде што луѓето се буткаат со раце и нозе да дојдат на ред. А немало обрасци. Не ви вредат ни огромните пари за „брза постапка“. Пет години имаа за ова (зло)дело да го направат, да ни заменуваат важечки документи, и не се во состојба културно и бесплатно да го направат тоа за сите граѓани. Од друга страна, никој од нашиве европски јунаци не ја прозива Грција за неостварување на договорот. Или можеби не сум во тек. Можеби веќе направиле дрим-тим од врвни правници што подготвуваат тужба до Меѓународниот суд на правдата, кој убаво ќе докаже дека Грција си играла мајтап со нас, а за нас сѐ што сме исполниле досега ништо нема да важи. Враќаме сѐ назад, за да не бидеме наивни идиоти. Барем еднаш.
Најголем дострел што го пријавуваат е членството во НАТО. Тие го овозможиле, се разбира не прашувајќи за цената што ја плати Македонија и газејќи ја волјата на народот. О, Господе! НАТО, кое сите други земји ги моли да му се приклучат во борбата против „ултимативното зло“ наречено Русија и Кина.

НАТО со злато ги плаќа земјите што му се приклучуваат, се рашири надвор од сите договори до крајниот исток на Европа, а ние го плативме нашето членство со наше бесчестие. Каде ли се скриени јавачите на глисерот што победоносно и насмеани летаа по Преспанско Езеро за да ја предадат државата за нешто за што ќе бевме молени, а не тепани? Во овие услови, поарно ќе кажам дека сум член на библиотека одошто да се фалам со членство во воен сојуз. Ние ќе сме биле бедемот на прва одбрана. Ние јаките, наоружани со чатали. Ама не е ова наивна работа. Источните и југоисточните земји во Алијансата се очекува да имаат главна ролја кога ќе им затреба топовско месо. А овие потписниците горди, горди и избегани од јавноста. Тие нема да се ничие топовско месо. Ќе си лежат по некои плажи пред раскошните вили, а глисерите ќе се лулаат на сината вода на некое егзотично море. Завршија огромна работа, со која кутрите ќе мавтаат пред избори. Нѐ оставија во обесчестена држава, безимена, ние безимени, тие презадоволни. За среќа, ова со топовското месо е вештачки создадена параноја во која нѐ принудуваат да живееме.
Деновиве е актуелна техничката влада, која јас ја нарекувам пиротехничка. Зошто е воопшто потребна, само на Таче и на Џафери им е јасно. Тој рецидив од Пржино е тотално депласиран и се плашам ќе биде злоупотребен од власта. Божем, еве сега опозицијата има клучни министри, па изборниот процес не смее никој да го оспорува. А всушност, сѐ се сведува да мораме да имаме премиер Албанец (што воопшто не е важно и да е Естонец), според непишан договор помеѓу СДС и ДУИ.

Тоа било обврска на СДС. Што го интересира народот какви обврски има една партија? Тоа, секако, не е државна обврска. Од друга страна, и тоа како беше државна обврска ДИК да не биде повеќе партиска експозитура, каде што сега си бара место и огнената фракција. Крадењето во ДИК е гарантирано. Така било, така беше, така останува. ДИК мора да биде составена од независни правни стручњаци, а не од партиски делегати, кои по потреба ќе го „паѓаат“ системот, селективно ќе отвораат кутии, селективно ќе ги внесуваат податоците од записниците и ќе си ги делат туѓите гласови како карти во покер. Џабе техничка влада, џабе министри, џабе „договорен“ премиер. Сѐ останува по старо. Без коренити измени во Изборниот законик, без промена на моделот, без промена на системот на медиумско претставување, без „бесно“ финансирање на партиите во кампања каде што едните се поеднакви од другите, без строга државна контрола на изборниот процес, без независен ДИК, сѐ е мачкина кашлица.
Но најважно е да го крунисаме Талат, макар само 100 дена.
Длабоко се надевам и очекувам наредната власт да направи вистински промени, кои ќе го менуваат дефектниов систем од корен. Овие и вакви политики треба да одат во историјата и да бидат заборавени ако сакаме здрава држава, со здрава нација. Не треба да гаси пожари каде што стигне. За тоа имаме пожарни служби. Какви, такви.