Во групата А, Барселона, Сегед и ПСЖ се на разлика од два бода, а во групата Б од Кил до третопласираниот Киелце разликата е четири бода, по есенскиот дел од сезоната во ЛШ

Шпанската Бидасоа и португалскиот Спортинг, од групата Ц и романскиот Динамо и полската Висла од групата Д се четирите екипи што по завршувањето на мечевите од групната фаза обезбедија место во февруарскиот бараж за пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет. Баражите делумно ќе бидат реприза на ланските, во кои Спортинг и тогаш играше со Динамо, а Висла лани разигруваше со Силкеборг (сега со Бидасоа).

Во февруарското продолжение на групната фаза (уште четири кола) Барселона (18 бода), Сегед (17) и ПСЖ (16), во групата А ќе се тркаат за првата позиција на табелата, која носи директен пласман во четврт-финалето. Тимовите од второто до шестото место прво ќе играат во осминафиналето. Во групата Б, пак, првата позиција ќе биде февруарска амбиција за Кил (16 бода), Веспрем (14) и за Киелце (12). Загреб (три бода) и Алборг (три) во групата А и Мотор (четири) и Мешков (четири) во групата Б се екипите со најслаб ефект по 10-те кола и се на чекор од елиминација по групната фаза.

Левиот бек на Еурофарм Работник, Владислав Остроушко, со 65 гола го има врвот на листата на стрелци по 10 кола. Втор со 59 гола е левото крило на ГОГ Емил Јакобсен, а еден гол помалку има неговиот колега од Кокс, Тами Таминен. Со завршувањето на 10-то коло, за сите тројца заврши и сезонава во ЛШ, така што во трка за титулата најдобар стрелец остануваат десните крила на Барселона, Алекс Гомез, и на Сегед, Богдан Радивојевиќ, со по 54 гола, потоа левото крило на Вардар, Тимур Дибиров, и централниот бек на Веспрем, Петар Ненадиќ, со по 53 погодоци итн. 


Волф третпат е во тимот на колото

Со 17-те одбрани во дуелот против Мешков во 10-то коло на ракометната Лига на шампионите, голманот на Киелце, Андреас Волф, третпат сезонава доби место во идеалниот тим на колото во изборот на ЕХФ. Друштво на Волф во најдобрата седморка на 10-то коло му прават и левото крило на Кадетен Себастијан Фримел, левиот бек на Кил Никола Билик, кој вторпат е меѓу најдобрите седуммина, централниот бек на Веспрем Петар Ненадиќ, десниот бек на Елверум Лукас Сандал, десното крило на Кристијанстад Валтер Кринц и пикерот на Мотор Максим Бабичев. Најдобрата постава на 10-то коло имаше ефект од 48 гола и 17 одбрани.