Минатата сезона и двете победи во ЛШ му припаднаа на турскиот состав Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ќе се обидеме да одиграме добар натпревар, но не само 30 минути, како на претходните дуели, и се надевам дека ќе ја забележиме првата победа, вели тренерот на Металург, Брестовац

Ракометарите на Металург утре (17 часот – пренос на Арена спорт 2), во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе го пречекаат турскиот првак Бешикташ во натпревар од 2-то коло во Лигата на шампионите (ЛШ).

Пред избраниците на тренерот Данило Брестовац претстои уште еден тежок дуел, во кој со максимално мотивирана и борбена игра ќе се обидат конечно да впишат победа и со тоа да ја вратат играчката самодоверба.

– Конечно сме комплетни и добро работевме во изминативе неколку дена. Ќе се обидеме да одиграме добар натпревар, но не само 30 минути, како на претходните дуели, и се надевам дека ќе ја забележиме првата победа. Со комплетирањето на тимот, добивме повеќе играчи во ротацијата, така што ќе имаме свежи ракометари во моментите кога се решава мечот. Некои од играчите имаат мали повреди, но тоа не е алиби. Со помош на публиката, со мотивација на теренот, со добра и паметна игра во нападот, можеме да стигнеме до добар резултат – рече тренерот на Металург, Данило Брестовац, во пресрет на мечот со Бешикташ.

Играчите се свесни за квалитетот, силата и искуството на турскиот првак и знаат дека утрешниот меч нема да им биде нималку лесен.

– Во ЛШ нема лесен дуел, бидејќи тие натпревари се едно ниво погоре од РЛ. Бешикташ е искусен и квалитетен тим, кој долго време игра заедно. Неколкупати сме играле со нив и секогаш било тешко и неизвесно. Видовме дека на Татран му успеа да ги победи во Турција, па со максимална борбеност од наша стана, се надевам дека, ако ништо друго, ќе освоиме барем бод – смета капитенот на Металург, Мартин Велковски.

Минатата сезона Металург и Бешикташ беа дел од групата Ц, во која и двете победи му припаднаа на турскиот состав (31-27 и 32-29), кај кого клучот за триумфот беше во египетскиот голман Карим Хендави, кој беше тешко совладлива пречка за металурзите.

Во 1-то коло од годинешната сезона во ЛШ, Бешикташ на домашен терен беше поразен од словачкиот првак Татран (22-28), во меч во кој најдобри поединци во турскиот состав беа десниот бек Рамазан Доне и пикерот Толга Озбахар, со по четири гола, а Металург, пак, загуби на гостувањето кај Спортинг со 26-34.
Влезниците за овој меч се по цена од 100 денари и ќе можат да се купат на билетарницата во СЦ „Борис Трајковски“ пред почетокот на натпреварот.