Јуре Доленец (Барселона)

Покрај Барселона, меѓу најдобрите осум, првпат откако пред пет години беше воведен овој систем на натпреварување, се пласираа и ракометарите на германскиот вицепрвак Кил

На едно коло до крајот на мечевите од групната фаза во ракометната Лига на шампионите (ЛШ), шпанскиот шампион Барселона и германскиот Кил обезбедија пласман во четврт-финалето. За Барса, која по победата над Целје, 37-25, 12-та сезонава, освои 24 бода, ова е четврти директен пласман во четврт-финалето, а за Кил прв откако пред пет години беше воведен овој систем на натпреварување.
Последното коло од групната фаза ќе биде решавачко за словенечкиот првак Целје и за хрватскиот шампион Загреб, кои се борат за последното место во осминафиналната фаза. Словенците ќе бидат први на потег, односно утре (19 ч.) ќе му гостуваат на германскиот првак Фленсбург. За пласман во следната фаза на Целје му е доволен и бод поради подобриот скор во меѓусебните дуели со Загреб. Во случај на пораз, за натамошен пласман ќе му биде потребен пораз на Загреб во неделниот дуел со ПСЖ.

По поразот од Порто, европскиот и македонски првак, Вардар падна на шестото место во групата Б, со еден бод заостанување зад португалскиот првак. Црвено-црните во последното коло ќе треба да го совладаат Монпелје, но и да се надеваат дека Порто ќе загуби на гости против Брест Мешков, за да стигнат до петтото место, кое би им донело полесен противник во осминафиналето. Доколку се случи Вардар да биде петти, тогаш за ривал ќе го има четвртиот тим од групата А, каде што во моментов со идентичен број бодови се Алборг и Фленсбург. Ако бидат шести, вардарци ќе ги очекува двомеч со Пик Сегед. Унгарскиот вицепрвак во ова коло загуби во Фленсбург (26-34) со што ја загуби и втората позиција на табелата, од ПСЖ. Со оглед на тоа дека Унгарците во последното коло гостуваат во Барселона, а ПСЖ е домаќин на Загреб (ПСЖ е подобар од Пик Сегед во меѓусебните дуели), мали се шансите за рокада на табелата во групата А.