Фото: ЕПА

На 26-годишна возраст во Будва почина голманот на фудбалската репрезентација на Црна Гора, Матија Шаркиќ, пренесоа црногорските медиуми.

Како што дознава РТЦГ, голманот на црногорската репрезентација се почувствувал лошо во својот стан во Будва, неговите пријатели веднаш повикале брза помош, но за жал немало помош за него.

Саркиќ пред десетина дена ја воодушеви црногорската јавност со одличните одбрани на мечот со Белгија, се чинеше дека Црногорците добија голман за следната деценија, но прераната смрт го попречи, пишува порталот „РТЦГ“.

Полицијата е на терен, се истражуваат сите околности, но најверојатно се работи за природна смрт.

Како што неофицијално дознава „РТЦГ“, Шаркиќ синоќа се прошетал со пријателите во Будва, вечерал во ресторан и рано се вратил во својот стан.

Кога станал околу 6 часот утринава се пожалил дека му е лошо, поради што пријателите повикале брза помош, но веќе било доцна.

Матија Шаркиќ е роден во англискиот град Гримсби. Тој е син на Бојан Шаркиќ, црногорски дипломат, и мајка Англичанка, Натали Тод, која работи за Европската медиумска мрежа.

Фудбалската кариера ја започна во јуниорските категории на белгиски Андерлехт, но брзо се пресели во Астон Вила.

Беше фудбалер на познати клубови од Бирмингем и Вулверхемптон, но често одеше на позајмица во екипи од пониските рангови на англискиот фудбал.

Сезонава стана прв голман на Милвол и беше еден од најдобрите играчи на популарните „лавови“, чувајќи ја мрежата на последните три меча во Чемпионшип.

По настапот за помладите категории на Црна Гора, за сениорската репрезентација дебитираше на 19 ноември 2019 година, кога на покана на тогашниот селектор Фарук Хаџибегиќ застана меѓу стативите во дуелот со Белорусија, кој Црна Гора го доби со 2- 0.

Вкупно за репрезентацијата на Црна Гора забележа девет настапи, а особено импресионираше на последниот против Белгија, кој, за жал, беше и негов последен настап.