Синиша Михајловиќ Фото: Џорџа Мелони / Инстаграм

По долга борба со леукемијата, денеска на 54-годишна возраст почина пранешниот југословенски и српски репрезентативец и член на шампионската генерација на белградска Црвена Ѕвезда, Синиша Михајловиќ, соопшти неговото семејство.

На Михајловиќ во јули 2019 година му беше дијагностицирана леукемија. Извесен период состојабата му беше подобрена, па ѝ се врати на тренерската кариера во италијанската Серија А, но по влошувањето, се повлече од терените.

-Уникатен човек, извонреден професионалец и добар со сите. Храбро се бореше против страшната болест. Им благодариме на лекарите и медицинските сестри, кои го придружуваа сите овие години со љубов и почитување. Синиша секогаш ќе биде со нас. Цел живот ќе ја носиме во себе љубовта која ни ја пружи – наведе семејството.

Роден во Вуковар, Михајловиќ кариерата ја почна во Борово, по што настапуваше за Војводина, Црвена ѕвезда, Рома, Сампдорија, Лацио и Интер. Со Црвена Ѕвезда ја освои титулата европски првак во 1990 година како дел од генерацијата со Дарко Панчев и Илија Најдоски, а беше и шампион на Италија со Лацио и Интер. Со Лацио триумфираше во Купот на УЕФА и Суперкупот. За репрезентацијата на Југославија одигра 63 натпревари и постигна десет голови.

 

Михајловиќ ќе остане запаметен како еден од најдобрите изведувачи на слободни удари и е еден од рекордерите според бројот на постигнати голови во Серија А од слободни удари (28). Српскиот фудбалер во 2019 година беше прогласен за почесен граѓанин на Болоња.

По завршувањето на играчката кариера продолжи да работи како тренер. Во два наврати ја предводеше Болоња, а беше тренер и во Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан и Торино, како и на репрезентацијата на Србија.