Фото: Влада

Работата на секое трговско друштво во државна сопственост, јавно претпријатие или институција ја евалуира Комисија за економски систем врз основа на финансиски извештаи и соодветно на тоа се носат одлуките за разрешувања, но поединечно имиња нема да споменувам, поради заштита на нивниот професионален интегритет, рече премиерот Димитар Ковачевски.

–Јас не сум човек којшто е сензационалист. Нема да посочувам со прст на луѓе коишто имаат свој професионален интегритет за да може од тоа да правиме вести, бидејќи секој професионалец којшто извршува каква било професионална функција заслужува да биде третиран согласно стандардите за етичко однесување на неговиот претпоставен, а јас сум претпоставен на тие коишто се наоѓаат на раководни позиции во трговски друштва, јавни претпријатија итн. Сите смени коишто досега се направени, на институции, јавни претпријатија и трговски друштва коишто денес имаат нови директори или управни одбори во однос на тоа што било пред јас да стапам на функција, биле направени врз основа на евалуација од Комисијата за економски систем врз основа на оперативни и финансиски перформанси на институциите коишто ги воделе и врз основа на тоа биле донесени одлуките – рече Ковачевски на новинарско прашање за смените во институциите со долгови за сметки за струја на прес-конференцијата во Владата за презентација на буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2023 година.

Такви одлуки, нагласи тој, имало во минатото и тие биле комуницирани преку соопштенија на Владата веднаш после владината седница до сите медиуми и јавноста е информирана, а евалуацијата на работата на раководствата на институциите ќе продолжи и понатаму секој квартал и ќе има именување на нови и разрешување на постојни раководители на кое било ниво на управување каде што сметаат дека може да се унапреди работењето на институцијата во оперативна и во финансиска смисла

-Јас не сум човек којшто ќе прави сензационализам со излегување на владина прес-конференција и ќе чита списоци на луѓе коишто ќе бидат менувани, коишто ќе бидат поставувани како што го имавме 11 години во државата кога се правеа сензации од тоа дека ќе имало нов бран, па уште еден бран, и нов бран и 11 години државата ни стана и остана заглавена. Меѓутоа, јас и досега покажав и од сега ќе покажам дека не толерирам неизвршување и дека секогаш сакам да ја унапредам ефикасноста на секоја институција до максимално ниво коишто дозволуваат објективните услови во која што функционира институцијата – повтори Ковачевски.

Подвлече дека разрешувањата секогаш се со одлука од Влада и врз основа на квартални извештаи од финансиското работење на дадена институција.

– Кога се евалуира работа на одредена институција, јас барем тоа сум го правел 22 години, менаџерот има обврска било дали е директор, дали е претседател на УО, дали е претседател на НО, зависно од степенот на управување со одредена институција, трговско друштво или јавно претпријатие, тој има одговорност за работењето на компанијата во делот на оперативните и финансиските резултати. На Комисија за економски систем квартално каде што учествуваат сите министри од економските ресори се разгледуваат на сите институции финансиските извештаи. Така било за Македонска пошта, така било за Железници, така било за Железници – Колска, така било за низа на други институции за коишто на квартално се разгледуваат финансиските извештаи. Таму во детали се разгледува приходната страна и се разгледува расходната страна за да се види дали објективно менаџментот може да влијае на зголемување на приходите и на намалувањето на трошоците. Се случувало некаде каде што сме сметале дека не направиле доволно напор за намалување на трошоците или за зголемување на приходите да дојде до смена на раководните лица коишто раководат, меѓутоа секогаш врз основа на таква евалуација. И секогаш кога имало таква смена тогаш се прави со одлука на Влада и за тоа е информирана јавноста во текот на изминатите 10 и пол месеци од кога јас сум премиер на Владата – вели Ковачевски.