Фото: РК Алкалоид

Ракометарите на Алкалоид испишаа историја на гостувањето во Норвешка во реванш полуфиналниот дуел со екипата на Рунар и ќе се борат за трофејот во третото по ранг европско клупско натпреварување – Европскиот куп.

Во првиот дуел во Автокоманда Алкалоид славеше победа со 42-37, а Рунар победи во регулариот дел од реваншот со 34-29, па патникот во финалето се одлучуваше со изведување на пенали.

Во пенал серијата момците од Автокоманда беа целосно фокусирани, додека пак домаќините промашија три пати, па по изведувањето на пеналите мечот заврши со резултат 35-32 или вкупен скор од 72-74 во корист на Алкалоид.

За Аклалоид погодија Серафимов, Митев и Петковски.

Норвешкиот тим одлично го отвори натпреварот и уште на самиот старт поведе со 6-1, задржувајќи резултатска предност од четири до пет гола во најголемиот дел од првото полувреме.

Избраниците на Мирхол не му дозволуваа на македонскиот претставник да се врати во игра, па на пауза заминаа со предност од четири гола, 19-15.

До 50-та минута се играше со истото темпо, потоа Рунар дојде до позитива од пет, па и шест гола, но до 60 минути Алкалоид успеа да остане на пет 34-29, што значеше дека патникот во финалето ќе се одлучува на пенали.

Најефикасни во редовите на Алкалоид беа Дамјан Митев со девет и Мартин Серафимов со осум погодоци.

Во борбата за пехарот во ЕХФ Европскиот Куп противник на Алкалоид ќе биде грчкиот тим АЕК.

Првиот натпревар ќе се игра 17/18 мај, во Скопје, додека реваншот е закажан на 24/25 мај на грчки терен.