МАКЕДОНИЈА ЗАГУБИ ОД БУГАРИЈА НА ПОЧЕТОКОТ НА 34. ЕП ВО ОДБОЈКА ЗА МАЖИ
- Со оглед на тоа што игравме против вицешампионот на светот, и тоа во Софија, пред негова публика и пред речиси полна сала, мислам дека дадовме солиден отпор, вели средниот блокер Филип Савовски
Машката одбојкарска репрезентација на Македонија го загуби првиот натпревар во групата Б, на 34. Европско првенство (ЕП) 2026, кое се одржува во Бугарија. Во полната арена „8888“ во Софија, црвено-жолтите очекувано загубија од фаворизираниот домаќин и актуелен светски вицепрвак, репрезентацијата на Бугарија со 0-3 во сетови (17-25, 19-25, 18-25). И покрај поразот, избраниците на селекторот Јошко Миленкоски дадоа силен отпор во сите три сета, особено во почетокот, кога имаа и контрола на резултатот, со што покажаа дека може да им пркосат на фаворитите. Сепак, не успеаја комплетно да го скротат нивниот силен сервис и цврстиот блок на мрежата, а со тоа и конечниот исход на овој меч. Репрезентативците во одлична атмосфера го одработија вчерашниот тренинг.
– Натпреварот против Бугарија беше добар од наша страна, затоа што впечатоците на одбојкарската јавност, посебно овде, како и на сите други репрезентации, се дека тоа беше добар натпревар и дека ѝ пруживме добар отпор на Бугарија, особено во одредени фази на играта до самата завршница имавме добар резултат. Сепак, не можевме ништо да сториме против, можеби двете најголеми ѕвезди во елементот сервис, браќата Николови. Овој натпревар треба да го архивираме и да се свртиме кон Украина и нејзината игра, која добро ја анализиравме. Украина е исто една од најдобрите европски репрезентации, меѓу 10-те најдобри на светската ранг-листа, составена од многу ѕвезди, а најголемата е Плотницки. Последните тренинзи и подготовки се направени и треба исто така да ја играме нашата игра. Рецептот е ист како против Бугарија, да не се оптоваруваме со името на противникот. Мислам дека тоа ќе ни овозможи еден добар натпревар, кој го очекуваме сите – изјави македонскиот селектор Јошко Миленкоски, во пресрет на денешниот меч со Украина.
На овој дуелот со Бугарија, капитенот Никола Ѓоргиев впиша девет поени, Александар Љафтов и Филип Савовски по пет, Филип Маџунков четири, а Стојан Илиев три поени. Вториот натпревар во групата Б, во која се уште и селекциите на Украина, европскиот првак Полска, Португалија и Израел, македонската репрезентација го игра денеска (16 часот) против Украина.
– Со оглед на тоа што игравме против вицешампионот на светот, и тоа во Софија, пред негова публика и пред речиси полна сала, мислам дека дадовме солиден отпор. Имавме наши моменти, добри и лоши, но и моменти кога не можевме да го смириме нивниот сервис и тоа беше клучниот факт што не успеавме да избориме некој сет, можеби бод, но сепак, што е тука-тука е. Бевме многу добри во блокот, исто и во нападот, со оглед на тоа што тие имаат многу висок блок. Кога сѐ ќе се собере, мислам дека ова беше еден добар натпревар. Сега се вртиме кон следниот противник и се надевам на подобар резултат против Украина – рече по натпреварот средниот блокер на македонската репрезентација, Филип Савовски.
Следниот противник на македонските одбојкари, кои по четврти пат во низа се дел од едно ЕП, е селекцијата на Украина. Украинците по осми пат учествуваат на едно ЕП, а во годинашното издание обезбедија директен пласман, откако на ЕП 2023 завршија како осмопласирани, односно по вторпат во својата историја играа во четврт-финалето. На досегашните 44 натпревари на континенталните собири, Украина има остварено 19 победи и 25 порази. На СП 2025, Украина беше елиминирана во групната фаза, додека во годинешното издание на Лигата на нациите стигна до четврт-финалето со седум победи и шест порази. Васил Тупчи е главната ѕвезда и најдобриот поентер во репрезентацијата во Лигата на нациите 2026 со 168 поени. Дмитро Јанчук, пак, беше меѓу најдобрите сервери со 23 аса. Селекторот на Украина, Аргентинецот Раул Лозано (70), е највозрасниот тренер на ЕП 2026. Досега Италијанецот Силвано Пранди го држеше овој рекорд, кој со 73 години ја предводеше Бугарија на ЕП 2023. Лозано претходно беше селектор на Полска (2005 и 2007), односно Германија (2009 и 2011), а репрезентациите што ги предводел на двапати стигнале до втората фаза (2007 и 2009).
На ЕП 2026 учествуваат вкупно 24 селекции поделени во четири групи, а најдобрите четири од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето. Ко-домаќини на ЕП 2026 се Италија, Бугарија, Финска и Романија, а мечевите за бронзениот и за златниот медал се закажани во Милано (Италија) на 26 септември. Најтрофејна селекција, со 12 злата, е поранешниот СССР, а втора е Италија со седум. Г.И.
Двојки и резултати
Група А (Неапол, Модена)
Италија – Шведска вчера
Чешка – Грција денеска 16 ч.
Словачка – Словенија денеска 21 ч.
ГРУПА Б (Софија)
Македонија – Бугарија 0-3
Полска – португалија вчера
Израел – Украина вчера
Украина – Македонија денеска 16 ч.
Португалија – Бугарија денеска 19 ч.
ГРУПА Ц (Тампере)
Финска – Данска вчера
Холандија – Белгија денеска 17 ч.
Србија – Естонија денеска 20 ч.
ГРУПА Д (Клуж)
Романија – Летонија 1-3
Франција – Швајцарија вчера
Турција – Германија вчера






























