Андреј Велјаноски Фото: Приватна архива

Македонската машка и женска шаховска репрезентација забележаа променлив успех во осмото коло на 44. Шаховска олипијада (ШО) во индискиот град Ченаи, што се одигра денеска. Шахистите, рангирани 61-ви пред почетокот (2.389 просечен рејтинг), од 187 селекции со вкупно 937 шахисти (235 велемајстори), со максимални 4-0 го прегазија Либан, рангиран 95-ти (просечен рејтинг 2.198 поени).

Радува втората победа (по 27 потези игра) на младиот, 18-годишен македонски дебитант на шаховските олипијади, Андреј Велјаноски, кој славеше на четвртата табла. Цел поен впишаа уште ВМ Звонко Станојоски, ИМ Тони Лазов и ИМ Никола Николовски, кој службено ја доби партијата.

Женската репрезентација на Македонија пак, рангирана 71-ва (1.863) од 161 репрезентации со 798 натпреварувачки (15 ВМ), загуби со минимални 1,5-2,5 од Узбекистан, рангиран 46-ти (просечен рејтинг 2.094 поени). ЖФМ Моника Стојковска на првата табла забележа победа, Драгана Николовска ремизираше, додека Ивана Манова и Леа Ефтовска ги загубија своите партии.

За мажите ова беше четврта победа на ШО во Ченаи и сега имаа девет екипни бода (18 поени по табли), со што ќе го поправат моменталниот пласман кој пред ова коло беше 92-ро место, додека шахистките го доживеаја четвртиот пораз и сега со осум екипни бода (15,5 поени по табли), ќе го расипат пласманот кој пред ова кола беше 67-мо место. Останатите партии во ова коло се уште беа во тек. До крајот на ШО остануваат уште три кола.

Г.И.

ЛИБАН – МАКЕДОНИЈА 0-4

ВМ Гиоргио Калауст (1.942) – ВМ Звонко Станојоски (2.412) 0-1 (31 потези)

ФМ Амро Ел Јавич (2.314) – ИМ Тони Лазов (2.374) 0-1 (46)

ФМ Фаисал Хаиралах (2.239) – ИМ Никола Николовски (2.366) 0-1 (службено)

ФМ Антоин Касис (2.202) – Андреј Велјаноски (2.162) 0-1 (27)

МАКЕДОНИЈА – УЗБЕКИСТАН 1,5-2,5

ЖФМ Моника Стојковска (2.091) – ЖВМ Нилуфар Јакубаева (2.299) 1-0 (54)

Ивана Манова (1.849) – ЖФМ Умида Омонова (2.195) 0-1 (39)

Драгана Николовска (1.876) – ЖФМ Моника Рожман (1.914) реми (37)

Леа Ефтовска (1.634) – ЖКМ Афруза Хамдамова (1.969) 0-1 (43)