Македонскиот репрезентативец пак беше одличен на теренот, со 24 поена и шест асистенции, на решавачкиот дуел со Стразбур за пласман во полуфиналето. Шортс сега има седум меча во ЛШ сезонава со повеќе од 20 поени и над пет асистенции, најмногу од кој било кошаркар во една сезона во историјата на ЛШ

КОШАРКА – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ НА ФИБА

Екипата на Телеком Бон е втор учесник на завршниот турнир сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ) на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) откако во третиот дуел, во т.н. „мајсторка“, пред своите гледачи го совлада француски Стразбур со 83-77 и со вкупен резултат 2-1 во победи се пласира на фајналфор-турнирот. Тоа е и најголем успех на клубот на меѓународен план.
Македонскиот репрезентативен бек Ти Џеј Шортс повторно беше одличен на теренот, но и најпрецизен на мечот. За 30 минути и 34 секунди на теренот тој уфрли 24 поена, од кои 12 од линијата за слободни фрлања, а придодаде и еден скок и шест асистенции.
Шортс сега има седум натпревари во ЛШ сезонава со повеќе од 20 поени и над пет асистенции, најмногу од кој било кошаркар во една сезона во историјата на ЛШ, пишува ФИБА на својата интернет-страница.
Бон стигна до својот прв фајналфор на ЛШ и стана третиот германски тим што го постигнал тоа, по Лудвигсбург во 2018 и во 2022 година и Бросе Бамберг во 2019 година. Во полуфиналето Бон ќе игра со подобриот од вчерашната „мајсторка“ помеѓу Хапоел Ерусалим од Израел и грчки АЕК. Последниот патник требаше да го даде вчерашниот дуел помеѓу шпанските екипи Тенерифе и Манреса. Покрај германскиот преставник, пласман во завршницата обезбеди уште и шпанска Уникаха. Фајналфор-турнирот во ЛШ треба да се игра од 12 до 14 мај, а дополнително ќе биде решено кој град ќе биде домаќин. Г.И.