Во квалификациски мечеви загубија репрезентациите на Германија, САД, Шпанија и на Аргентина

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА КОНТИНЕНТАЛНИТЕ ПРВЕНСТВА

Во квалификациите за пласман на континенталните кошаркарски првенства во Европа и во Северна и Јужна Америка се случија четири изненадувања, откако загубија актуелните светски, олимписки и два континентални прваци, репрезентациите на Германија, САД, Шпанија, односно на Аргентина. Во континенталните квалификации во Азија и во Африка победија актуелните прваци, Австралија односно Тунис.
Во циклусот за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, Германија загуби на гости кај Бугарија, во групата Д, со 62-67. Во вториот дуел од таа група, Црна Гора ја совлада Шведска со 90-75 и по две кола сите четири селекции имаат по една победа. Во групата Ц, Белгија на свој терен ја победи Шпанија со 58-53 (иако по првиот дел Шпанците водеа со 26-19), откако на две минути пред крајот поведе со 53-48, по серијата 11-0. Во вториот дуел од оваа група Летонија ја совлада Словачка со 64-52, па Летонците и Белгијците имаат по две победи, а Словачка и Шпанија по два пораза.
Откако ги пропушти претходните две изданија на Америка-купот, Куба се врати во натпреварувањето и во второто квалификациско коло дома ја победи селекцијата на САД со 81-67, пишува Светската кошаркарска федерација (ФИБА) на својата интернет-страница. Во таа група се и селекциите на Порторико и на Бахами и сите по две кола имаат по една победа. Пораз претрпе и актуелниот победник на Америка-купот (одржан во 2022 година), Аргентина, која на гостински терен загуби со 77-79 од репрезентацијата на Чиле. Во таа група, Венецуела, Аргентина, Чиле и Колумбија имаат по една победа по првите две кола. Г.И.