Финалистите на Еврокупот ќе добијат право во следната сезона да настапат во Евролигата / Фото: ЕПА

Со 17 победи и еден пораз, Париз директно се пласира во четврт-финалето, каде што ќе игра со подобриот од дуелот Улм – Жовентут. Шортс е водечки во три статистички категории по регуларниот дел од сезоната, и тоа за асистенции, индекс-поени и за погодени удари за два поена

КОШАРКА – ПО РЕГУЛАРНИОТ ДЕЛ ВО ЕВРОКУПОТ

Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс забележа нов т.н. дабл-дабл (двоцифрен ефект во две статистички категории) во кошаркарскиот Еврокуп сезонава, во убедливата победата на француски Париз дома на дуелот со словенечка Цедевита Олимпија, со 53 поени разлика (119-66), во меч од 18. коло. Притоа Шортс за малку повеќе од 22 минути на теренот забележа 11 поени и 12 асистенции, а имаше и пет скока и една украдена топка.
Вкупно во регуларниот дел, Шортс одигра 461,55 минута (просек од 25,29 минути по меч), постигна 312 коша (17,3), за два поена има 105 погодени од 191 шут (24,5 отсто), за три поени 12/49 (24,5 отсто), скокови 46 (2,6), асистенции 137 (7,6), а просекот на индекс-поени е 22,6. Шортс е водечки во три статистички категории по регуларниот дел од сезоната во Еврокупот, и тоа за асистенции, индекс-поени и за погодени удари за два поена.
Париз ја заокружи групната фаза во групата А на првата позиција со 17 победи и еден пораз, и обезбеди директно учество во четврт-финалето. За пласман во полуфиналето ќе игра со подобриот од дуелот помеѓу германски Улм и шпански Жовентут.
Вториот македонски претставник во ова натпреварување, од неодамна и репрезентативен центар, Итан Хап, не настапи во ова коло за шпанскиот клуб Гран Канарија, кој загуби на гости од црногорска Будуќност со 77-90 и ја освои третата позиција во групата Б. Во осминафиналето, Гран Канарија ќе игра само еден меч со Бешикташ од Турција. Осминафинални дуели се закажани за 5 и за 6 март.

Меѓу осумте најдобри екипи во Еврокупот сезонава се пласираа првите два тима од двете групи (Париз и Хапоел Тел Авив од групата А и Бург и Клуж од групата Б), а следните четири клуба од двете групи прво ќе играат во осминафиналето.
Финалистите на Еврокупот ќе добијат право во следната сезона да настапат во Евролигата, најсилното клупско кошаркарско првенство во Европа. Во минатата сезона Шортс со германскиот прволигаш Бон ја освои титулата во Лигата на шампионите на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) и беше избран за најкорисен кошаркар (МВП) на регуларниот дел од сезоната и на фајналфор-турнирот.
Табели по регуларниот дел од сезоната во Еврокупот: ГРУПА А: Париз (17-1), Хапоел (13-5), Лондон (12-6), Прометеј (10-8), Жовентут 10-8), Бешикташ (9-9), Вулфс (8-10), Венеција (8-10), Хамбург (2-16), Цедевита Олимпија (1-17). ГРУПА Б: Бург (14-4), Клуж (12-6), Гран Канарија (12-6), Улм (10-8), Арис (9-9), Турк телеком (9-18), Будуќност (8-10), Тренто (7-11), Литкабелис (7-11), Вроцлав (2-16). Г.И.