Фото: Игор Бансколиев

Првпат во НБА-лигата пет кошаркари постигнаа најмалку 43 поени во ист ден

КОШАРКА

Првпат во историјата на НБА пет кошаркари постигнаа најмалку 43 поени во ист ден. Тоа се случи во петокот, кога Лука Дончиќ од Далас беше на чело со 50 поени, на мечот со Хјустон, а другите беа Џоел Ембиид од Филаделфија, со 44 поени против Лос Анџелес клиперс, Шај Гилгеус-Александер од Оклахома, сити постигна рекордни 44 во кариерата против Њу Орлеанс, Ар Џеј Барет од Њујорк имаше 44 против Чикаго, а Тајрис Халибартон од Индијана ги постигна рекордните 43 поени во кариерата, против Мајами, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Лука е Лука. Тој е најдобриот играч во светот и го покажа тоа вечерва, повторно носејќи го товарот офанзивно – рече Џејсон Кид, тренерот на Далас.
Како што обично прави, Дончиќ се оддолжи на теренот.
– Моите соиграчи ми веруваа – рече тој по мечот во кој забележа и 10 скока и осум асистенции.
Најголемиот шут на вечерта во победата на Далас над Хјустон, со 112-106, можеби беше на Дончиќ, кој погоди тројка на 19 секунди до крајот за да му донесе на Далас предност од пет поени.
И тоа не беше ни најдраматичната тројка што ја имаа големите стрелци на вечерта. Таа чест му припадна на Халибартон, кој постигна 10 тројки, а десеттата на 4,3 секунди пред крајот на мечот, за да ѝ донесе на Индијана победа со 111-108.

– Халибартон е уметник. И, знаете, некои луѓе што имаат неконвенционални начини да бидат успешни во оваа игра треба само да ги оставите сами и да им дозволите да го прават тоа што го прават. Неговата уметност е начинот на кој ја внесува топката во кошот, начинот на кој ја гледа играта, начинот на кој ги поврзува соиграчите и посебната личност што е тој – рече тренерот на Индијана, Рик Карлајл.
Сега има нешто повеќе од 4.400 случаи кога кошаркар постигнал 40 или повеќе поени во натпревар од регуларна сезона, пишува АП. Ова беше само петти пат кога пет се случија во ист ден, а вторпат во 2022 година. На 10 април Оби Топин имаше 42 за Њујорк, Џејлен Грин 41 за Хјустон, Малик Монк 41 за Лос Анџелес лејкерс, Клеј Томпсон 41 за Голден стејт и Виктор Оладипо 40 за Мајами.
Другите три случаи на пет стрелци со барем по 40 поени беа во 2003 година (Трејси Мекгрејди 52 за Орландо, Џамал Машбурн 50 за Њу Орлеанс, Мајкл Џордан 43 за Вашингтон, Ален Ајверсон 41 за Филаделфија и Коби Брајант 40 за Лејкерс), во 2001-та (Ален Ајверсон 47 за Филаделфија, Брајант 44 за Лејкерс, Крис Вебер 41 за Сакраменто, Пол Пирс 40 за Бостон и Џери Стакхаус 40 за Детроит) и во 1961 година (Вилт Чембрлен 59 за Филаделфија, Том Хајнсон 45 за Бостон, Елгин Бејлор 40 за Лејкерс, Ричи Герин 40 за Њујорк и Оскар Робертсон 40 за Синсинати), пишува АП.