Фото: ЕПА

Бостон до победата го предводеа Џeјлeн Браун со 22 и Порзингис со 20 поени, а кај поразените Дончиќ уфрли 30

КОШАРКА – НБА, ФИНАЛЕ

Кошаркарите на Бостон убедливо со 107-89 (37-20, 26-22, 23-24, 21-23) го добија првиот натпревар против Далас во големото финале на годинашната НБА-лига, поведоа во серијата прв до четири победи и се поблиску до својата 18-та титула во богатата клупска историја.
Далас предводен од Словенецот Лука Дончиќ само на почетокот поведе со 9-5, а потоа домаќинот ја презеде играта во свои раце, па на полувреме се замина со огромна предност од 21 кош (63-42).
– Или победувате или губите. Ние сега мораме да се фокусираме на следниот меч. Бостон игра претежно еден на еден, но секогаш има некој што ќе помогне. Сметам дека тоа е причината поради која шутиравме лошо на овој натпревар. Но самодовербата сѐ уште е тука – рече Дончиќ по завршувањето на мечот.
Бостон до победата го предводеа Џeјлeн Браун со 22 поени, шест скока, две асистенции и по три украдени топки и блокади, и Летонецот Кристапс Порзингис со 20 поени и шест скока. Кај поразените Дончиќ беше прв стрелец со 30 поени и 10 скока.
Вториот натпревар од финалната серија на програмата е в понеделник наутро, а домаќин е повторно екипата на Бостон. Г.И.