Андреј Магдевски Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сметам дека во Скопје ќе пресудат нашата играчка енергија, желба за победа, пожртвуваност на теренот и, секако, публиката, која ќе биде нашиот шести играч, вели репрезентативниот бек Андреј Магдевски

Кошаркарската репрезентација на Македонија, предводена од новиот селектор Александар Тодоров, денеска со двата тренинга во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (12 и 20 ч.), ќе ги почне подготовките за квалификациските мечеви идната недела за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, против Естонија (дома) и Русија (гости). Натпреварот против Естонија е на 20 февруари, а три дена подоцна следува гостувањето во Перм, на меч со Русија.

– Се надевам дека времето за подготовки ќе биде доволно за да се уиграме колку што можеме повеќе и да оствариме позитивен резултат против Естонија во Скопје, но и да се обидеме да ја изненадиме фаворизираната Русија. Сметам дека во Скопје ќе пресудат нашата играчка енергија, желба за победа, пожртвуваност на теренот и, секако, публиката, која ќе биде нашиот шести играч. Целта на овој подмладен тим, секако, е ЕП – смета репрезентативниот бек и играч на МЗТ Скопје, Андреј Магдевски.

Од досега седумте одиграни квалификациски натпревари против Естонија (три победи и четири порази), Македонија посебно ја врзуваат два непријатни пораза во последните претквалификации за Светското првенство (СП) во Кина во 2019 година. На 5 август, во Скопје, Естонија победи со 80-76, а на 16 август, во Талин, со 74-65.

– Ако сакаме да успееме на овие два дуела, ќе мора да дадеме сѐ од себе, а тоа значи борба докрај, срце на терен. Против Естонија ќе мора да ги запреме нивната брза игра и шутот за три поени, како и да одржиме висока концентрација во текот на целиот натпревар. Сметам дека ова е голема шанса за сите нас млади играчи, можност што мора да ја искористиме ако сакаме да ја вратиме кошарката во вистинскиот правец – вели крилниот центар и член на Еуро Никел, Филип Бакоч.

Македонија досега настапила на пет ЕП, а последен пат во 2015 година, кога заврши на 19-та позиција. Црвено-жолтите последен пат успешно ги минале евроквалификациите во 2014 година, кога двапати ги совладаа Белорусија (дома 72-66 и на гости 81-70) и Данска (дома 80-46 и на гости 81-75), славеа и против Белгија (дома 76-73), а загубија на гости (60-63) и на тој начин се пласира на ЕП, кое се одигра во Летонија, Германија, Хрватска и во Франција. Но така не беше и на следните квалификации (август/септември 2016) за пласман на ЕП 2017. 


Ѓуроски: Дефинитивно можеме да се вратиме на старите патеки

Естонија, како и во минатиот циклус, мислам дека ќе претпочита брза кошарка. За Русија уште не ни размислуваме, зашто знаеме колку е битен мечот против Естонија на домашен терен. И Русија има подмладена репрезентација, но квалитетот на руските кошаркари ни е доста јасен. Дефинитивно мислам дека можеме да дојдеме до посакуваната победа во Скопје против Естонија, а ако имаме свој ден, зошто да не и во Русија. Мое мислење е дека играта во одбраната ќе биде клучниот фактор на натпреварот против Естонија и, секако, домашната публика, која се надевам дека ќе дојде во поголем број. Дефинитивно можеме да се вратиме на старите патеки. Мислам дека имаме одлична комбинација на искусни и млади играчи и дека на крајот на квалификациите ќе се радуваме на уште еден пласман на европските првенства, вели репрезентативецот Стојан Ѓуроски, кој игра во Евре од Франција. Г.И.