ФУДБАЛ – ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА

Седум клуба треба да одиграат, во просек, по седум натпревари повеќе од лани, од почетокот на сезоната, на 5 август, до 12 ноември, последниот викенд пред паузата за СП 2022

Невиден обем на работа ќе имаат ѕвездите на англиските фудбалски тимови пред Светското првенство (СП) во Катар наесен. Според анализата на весникот „Телеграф“, фудбалерите во Премиер-лигата, особено оние од Европа, ќе играат најмногу. Седум клуба треба да одиграат, во просек, по седум натпревари повеќе од почетокот на сезоната, на 5 август, до 12 ноември, последниот викенд пред паузата и пред СП, кое треба да почне на 21 ноември и да трае до 18 декември. Вест хем, на пример, ќе треба да одигра 25 меча за три месеца, најмногу од која било екипа, осум повеќе од истиот период лани, кога играше и во Европа.

Арсенал, кој не настапуваше во Европа лани, се соочува со дополнителни девет меча, а шампионот Манчестер сити и Ливерпул, чии менаџери Пеп Гвардиола и Јирген Клоп беа најгласни критичари во минатото на сѐ позгуснатиот распоред на натпревари, ќе имаат уште шест, односно седум меча. Манчестер јунајтед, исто така, ќе одигра седум натпревари повеќе во однос на истиот период во минатата сезона, Челси плус пет, а Тотенхем четири натпревари.

Октомври ќе биде најтежок, со девет натпревари во тој месец. Групните фази во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), во кои е планирано секој клуб да одигра по шест натпревари, треба да бидат завршени пред почетокот на СП, наместо како што е вообичаено, во првата недела на декември. Клубовите, исто така, се соочуваат со дополнителни пет натпревари во Премиер-лигата во споредба со минатата сезона, и покрај тоа што новата сезона треба да почне една недела порано од вообичаеното.

Но не се погодени само тимови што ќе играат во европските купови. Њукасл и Кристал палас ќе треба да одиграат по шест дополнителни натпревари во споредба со истиот период во минатата сезона, а Вулверхемтон, Астон вила и Евертон по пет, под услов да стигнат до третото коло во Лига-купот, на 8 и на 9 ноември. Дополнителни четири натпревари ги очекуваат Брајтон, Брентфорд, Саутемптон и Лидс. Само Лестер се соочува со ист број натпревари (18) до паузата за СП како и во минатата сезона. Трите новопромовирани клуба, Фулам, Борнмут и Нотингем форест, ќе одиграат по еден натпревар помалку од истиот период во минатата сезона, кога беа во дивизијата Чемпионшип. Во просек, 20-те клуба од Премиер-лигата ќе треба да одиграат по пет дополнителни натпревари во текот на трите месеци до паузата за СП.
Традиционалната празнична рунда натпревари во Премиер-лигата помеѓу Боксинг деј (26 декември) и Нова година е исфрлена од распоредот за да им се олесни на уморните играчи по СП.