Фото: ЕПА

Македонскиот голман одигра шест сезони во Рајо Валјекано, каде што се етаблира како еден од најдобрите голмани во Ла лига, благодарение на неговите добри перформанси и неговата самодоверба. Димитриевски се приклучува на голманскиот состав на тимот за да обезбеди сигурност и искуство на голот на Валенсија, објави клубот

ФУДБАЛ – ШПАНИЈА

Шпанскиот фудбалски прволигаш Валенсија го официјализира договорот со македонскиот голман Столе Димитриевски, кој во клубот пристигнува од Рајо Валјекано и потпиша договор на две сезони, со опција за продолжување на договорот за дополнителни две години, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“.
– Македонскиот голман станува нов фудбалер на Валенсија, откако одигра шест сезони во Рајо Валјекано, каде што се етаблира како еден од најдобрите голмани во Ла лига, благодарение на неговите добри перформанси и неговата самодоверба. Димитриевски пристигнува на „Местаља“ по одиграните 127 официјални натпревари во Првата дивизија и се приклучува на голманскиот состав на тимот за да обезбеди сигурност и искуство на голот на Валенсија. Откако ќе се приклучи на работата за претсезоната, тој ќе биде претставен како нов фудбалер на Валенсија пред медиумите – објави клубот, пренесе „Марка“.
Валенсија е шесткратен првак на Шпанија, победник на Купот на победниците на куповите во 1980 година и на Купот на УЕФА (сега Лига Европа) во 2004 година, во тие години и победник на европскиот Суперкуп и двапати финалист на Лигата на шампионите, во 2000 и во 2001 година. Во подготвителниот период првите три закажани меча на Валенсија, на кои Димитриевски може да дебитира, се со холандски ПСВ Ајндховен на 27 јули, со англиски Лидс на 3 август и со германски Ајнтрахт на 10 август. Н.М.