Европските институции и европскиот фудбал, како и европското спортско движење, стојат цврсто обединети зад нашите вредности и модел заснован на солидарност. Нема простор за толкување или преговори. Тоа е „не“ на себичните суперлигаши и „не“ на екстравагантни предлози за светски првенства. Но „да, да, да“ за да работиме заедно за да го заштитиме и зајакнеме нашиот модел, кој работи во интерес на европскиот фудбал и општеството, изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин

Европската фудбалска унија (УЕФА) ја поздрави поддршката на Советот на Европа за европскиот фудбалски модел, а резолуцијата цврсто се спротивставува на обидите за суперлига и ги осудува предлозите на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за светски првенства на две години, пишува УЕФА на својата интернет-страница.
Советот на Европа издаде и резолуција во која, меѓу другото, се вели: „Собранието ја доведува во прашање препорачливоста на планот што моментно го разгледува ФИФА за одржување светски првенства на две години. Сметаме дека таквата промена би имала катастрофални последици за европскиот фудбал, на што УЕФА и европските лиги силно се противат. Тоа може да му наштети и на целиот спортски екосистем, бидејќи ќе ги натера двата главни глобални спортски настана, светското првенство и летните олимписки игри, да се натпреваруваат меѓу себе за медиумско покривање, а со тоа и за финансиска поддршка“.
Советот ја повикува ФИФА „да не носи одлуки што потенцијално се штетни за европскиот фудбал и за спортот во светот без договор со европските фактори и со Интернационалниот олимписки комитет“. Советот на Европа ја поддржа УЕФА да остане единствено одговорна за организирање на европскиот фудбал и рече дека „цврсто се спротивставува на проектот на европската суперлига“.
– Европските институции и европскиот фудбал, како и европското спортско движење, стојат цврсто обединети зад нашите вредности и модел заснован на солидарност. Нема простор за толкување или преговори. Тоа е „не“ на себичните суперлигаши и „не“ на екстравагантни предлози за светски првенства. Но „да, да, да“ за да работиме заедно за да го заштитиме и зајакнеме нашиот модел, кој работи во интерес на европскиот фудбал и општеството – изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.