Фото: ЕПА

Потврдено е ограничување за распределбата на пари за најдобрите пет фудбалски федерации (Англија, Шпанија, Италија, Германија и Франција), по 10 милиони евра, а средствата на располагање на преостанатите 50 фудбалски асоцијации ќе се зголемат од сегашните 135 милиони евра на 258 милиони евра

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) во вторникот соопшти дека ќе ги зголеми сумите што ќе им се доделат на клубовите што не учествуваат во машките континентални натпреварувања, а исто така ќе ја ограничи и сумата што ќе ја добијат најдобрите пет фудбалски федерации, пишува агенцијата „Ројтерс“.
– Во минатата година Извршниот комитет на Европската фудбалска унија одобри значително зголемување на распределбата на солидарноста за клубовите што не учествуваат во машките клупски натпреварувања на УЕФА за циклусот од 2024 до 2027 година, со што уделот доделен на клубовите што не учествуваат ќе се зголеми од четири на седум отсто од проектираниот праг на приходи од 4,4 милијарди евра. Тоа се 308 милиони евра, зголемување од речиси 80 проценти во споредба со претходниот циклус – се наведува во соопштението на Европската фудбалска унија по состанокот на Извршниот комитет во Прага, пренесе „Ројтерс“.
Потврдено е ограничување за распределбата на парите за најдобрите пет фудбалски федерации (Англија, Шпанија, Италија, Германија и Франција), бидејќи тие ќе добијат по десет милиони евра, додаде Европската фудбалска унија.
– Средствата на располагање на преостанатите 50 фудбалски асоцијации ќе се зголемат од сегашните 135 милиони евра на вкупно 258 милиони евра. Вкупно 70 отсто од овие суми ќе бидат распределени врз основа на нивната позиција на листата на УЕФА за пристап до европските купови, а 30 проценти ќе бидат пропорционални на износите примени од клубот со најголема заработка од секоја фудбалска асоцијација, иновативен концепт што експресно цели на натпреварувачкиот баланс во домашните лиги – пишува Европската фудбалска унија, пренесе „Ројтерс“. Н.М.