Германија, Франција и Бразил ги освоија светските и континенталните титули во сите возрасни категории на натпреварувањата во организација на Светската фудбалска федерација и на соодветните континентални федерации. По еден трофеј во некоја категорија им недостига на Англија, Шпанија, Аргентина…

ПО ТРИУМФОТ НА ГЕРМАНИЈА НА СП ЗА ФУДБАЛЕРИ ДО 17 ГОДИНИ

Со триумфот на Светското првенство за фудбалери со 17 години Германија стана третата земја што ги освоила светските и континенталните титули во сите возрасни категории на натпреварувањата во организација на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и на соодветните континентални федерации. Вакви титули освоија уште и репрезентациите на Франција и на Бразил.
Германија во сениорска конкуренција четири пати беше светски шампион, а еднаш и во категоријата за фудбалери до 20 години. Вкупно најтрофеен во оваа категорија за светски титули е Бразил, со по пет трофеи во сениорска и во конкуренција на фудбалери до 20 години, како и уште четири титули на светските првенства за играчи до 17 години. Франција има две сениорски титули и по една во двете младински категории на планетарно ниво.
Овие три репрезентации биле и континентални прваци во сите возрасни категории. Така, Германија по трипати беше европски шампион во сениорска конкуренција и во категоријата до 21 година, шест пати до 19 години и четири пати за фудбалери до 17 години. Франција двапати ја освои сениорската европска титула, еднаш за фудбалери до 21 година, осум пати до 19 и трипати во категоријата до 17 години. Бразил, пак, девет пати бил победник на сениорската Копа Америка, а во младинските категории на фудбалското натпреварување на Јужна Америка 12 пати ги освои титулите за фудбалери до 20 години, 13 пати до 17 години и пет пати во категоријата до 15 години.
Од другите фудбалски репрезентации, Англија на пример има по една светска титула во сите три возрасни категории, европски круни во сите три младински категории (три до 21 година, 11 до 19 години и две до 17 години), а ѝ недостига сениорски континентален трофеј. Шпанија ги комплетира европските титули (три сениорски, пет до 21 година, 11 до 19 години и девет до 17 години), има по еден светски сениорски триумф и титула во категоријата до 17 години, а ѝ недостига трофеј од светско првенство за фудбалери до 20 години. Аргентина не била светски првак во категорија до 17 години, а има планетарни трофеи за сениори (три) и за фудбалери до 20 години (шест), како и 15 триумфи на Копа Америка за сениори, пет во категоријата до 20 години, четири до 17 години и една до 15 години во младинските првенства на Јужна Америка итн. Н.М.


СЕНИОРСКИ И МЛАДИНСКИ ТИТУЛИ

РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА СП СП-20 СП-17 ЕП ЕП-21 ЕП-19 ЕП-17
Германија 4 1 1 3 3 6 4
Франција 2 1 1 2 1 8 3
Англија 1 1 1 – 3 11 2
Шпанија 1 – 1 3 5 11 9
РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА СП СП-20 СП-17 КП КП-20 КП-17 КП-15
Бразил 5 5 4 9 12 13 5
Аргентина 3 6 – 15 5 4 1
СП – светски првенства; ЕП – европски првенства; КП – Копа Америка