За наградата за најдобар фудбалер на Европското првенство (ЕП) одлучува тим технички набљудувачи на Европската фудбалска унија (УЕФА), кои внимателно го анализираат секој натпревар на секое ЕП од 1996 година, пишува УЕФА. Техничките набљудувачи за ЕП 2024 составуваа извештаи за секој натпревар засновани на податоци што потоа циркулираат во фудбалската заедница за да дадат детални објаснувања за актуелните тренерски трендови и тактики, пишува УЕФА.
Друг аспект на нивната улога е изборот на играчот на натпреварот за секој натпревар, пред да се соберат по финалето за да одлучат за четири дополнителни награди – најдобриот тим, најубавиот гол, најдобар млад играч и најдобар фудбалер на ЕП 2024.
Тие се поддржани од експертски тим аналитичари со седиште во Нион, со пристап до видео и податоци за секој натпревар. Ова овозможува подетална анализа и донесување одлуки. При изборот на играч и млад играч на турнирот, техничките набљудувачи ги земаат предвид индивидуалните перформанси и влијанието на играчот врз неговата репрезентација, како и дали играле со позитивен став и почит кон противникот.
Технички набљудувачи на УЕФА за ЕП 2024 се: Фабио Капело (Италија), Јоан Лупеску (Романија), Мајкл О’Нил (Северна Ирска), Дејвид Моес (Шкотска), Аљоша Асановиќ (Хрватска), Рафаел Бенитез (Шпанија), Аврам Грант (Израел), Паки Бонер (Република Ирска), Франк де Бур (Холандија), Оле Гунар Солскјер (Норвешка), Аитор Каранка (Шпанија) и Жан-Франсоа Домерг (Франција).
Досегашни добитници на наградата за најдобар на ЕП се Матијас Замер (Германија, ЕП 1996), Зинедин Зидан (Франција, ЕП 2000), Теодорос Загоракис (Грција, ЕП 2004), Чави Ернандез (Шпанија, ЕП 2008), Андрес Иниеста (Шпанија, ЕП 2012), Антоан Гризман (Франција, ЕП 2016) и Џанлуиџи Донарума (Италија, ЕП 2020). Наградата за најдобар млад играч му се доделува на најдобриот фудбалер на возраст до 22 години, а досегашни добитници се Ренато Санчес (Португалија, ЕП 2016) и Педри (Шпанија, ЕП 2020). Н.М.