Фото: ЕПА

Тоа е навистина тешка лига. Никогаш немало лесен натпревар. Отсекогаш било навистина тешко да се победи на фудбалски меч, но можеби тоа ви кажува нешто за нас, рече Слот, тренер на Ливерпул, кому му треба еден бод за да го израмни рекордот од 20 титули во Англија

ФУДБАЛ

Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, ја отфрли идејата дека освојување на титулата во фудбалската Премиер-лига на неговиот тим е лесно, велејќи дека е потешко од кога било да се победува на натпревари во првата дивизија во Англија, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Слот е на прагот да стане само 12-ти тренер, и прв од Холандија, што ја освоил најголемата награда во англискиот фудбал. За Слот тоа може да биде титула во Премиер-лигата во неговата прва сезона во англискиот фудбал, нешто што само четворица тренери го направиле досега, Жозе Мурињо, Карло Анчелоти, Мануел Пелегрини и Антонио Конте, пишува АП.
– Мислам дека никогаш не било толку возбудливо за пласман во првите четири, првите пет тима. Една година пред тоа, беше сосема јасно кои клубови веројатно ќе ги освојат првите три или четири позиции. Никогаш не било толку тешко да се биде меѓу првите четири или првите пет во Премиер-лигата. Според моето мислење, тоа е навистина тешка лига. Никогаш немало лесен натпревар. Отсекогаш било навистина тешко да се победи на фудбалски меч, но можеби тоа ви кажува нешто за нас – рече Слот, чии избраници победија на 24 од 33-те натпревари сезонава во англиската Премиер-лига.
Во 2020 година, кога Ливерпул ја освои шампионската титула бр. 19, прва по 30-годишното чекање трофеј во првенството на Англија, таа беше освоена како резултат на поразот на второпласираниот Манчестер сити и ниту еден гледач не можеше да присуствува на натпреварите на стадионот „Енфилд“ за време на пандемијата. На Ливерпул му треба еден бод на утрешниот меч дома со Тотенхем за да го израмни рекордот од 20 титули во Англија.
– Свесни сме за фактот дека кога овој клуб ја освои лигата тоа беше времето на ковид. Значи, сите со нетрпение ја очекуваат неделата. Но знаеме дека има уште работа да се заврши – рече Слот. Н.М.