Фото: ЕПА

Мислам дека математички избегнавме испаѓање, што беше целта. Не мислам дека можеме да држиме чекор со Барселона, Реал Мадрид и со Атлетико Мадрид и да ја освоиме лигата. Тоа не е наша цел. Но ние сме многу задоволни. Многу луѓе велат: „Овие момци можат да играат“. Тоа е историска година за нас. Но освојувањето на сето тоа, сепак, е нешто премногу далеку за размислување. Кога ќе стигнеме до последната
третина од сезоната, ќе видиме како стојат работите и кои ќе бидат нашите цели, рече тренерот Санчез

ЛИДЕРОТ ВО ЛА ЛИГА СЕ ОБИДУВА ДА ГИ НАМАЛИ СОПСТВЕНИТЕ ОЧЕКУВАЊА ПО ИМПРЕСИВНИОТ ПОЧЕТОК НА СЕЗОНАТА

Џирона се обидува да ги намали очекувањата откако се покажа како вистински кандидат за титулата во шпанската фудбалска лига со најголемата победа досега во историскиот почеток на сезоната, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Победата со 4-2 на гости кај актуелниот првак Барселона во неделата го стави каталонскиот клуб на првото место по речиси половина од сезоната и покажа дека можеби ќе го има она што е потребно за да остане во чекор со вообичаените моќници во шпанскиот фудбал.
Но тренерот Мичел Санчез брзо истакна дека освојувањето на титулата уште не е главната цел на тимот. Тој вели дека Џирона може да се стреми кон повеќе од само избегнување на испаѓањето, што беше главна цел во почетокот на сезоната, но прерано е да се размислува за можноста да се освои трофејот.
– Мислам дека математички избегнавме испаѓање, што беше целта. Не мислам дека можеме да држиме чекор со Барселона, Реал Мадрид и со Атлетико Мадрид и да ја освоиме лигата. Тоа не е наша цел. Но ние сме многу задоволни. Денес љубителите на фудбалот се малку навивачи и на Џирона. Многу луѓе велат: „Овие момци можат да играат“ – рече Санчез, пренесе АП.
Џирона победи на 13 од своите 16 натпревари во шпанската лига сезонава и досега е тимот со најмногу победи во најсилните пет европски лиги (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија). Џирона има два бода предност пред Реал Мадрид и седум повеќе од Атлетико Мадрид и од Барселона.
Санчез го пофали својот тим што го предизвикал бранителот на титулата од самиот почеток на Олимпискиот стадион во неделата. Тој рече дека тоа покажало дека тимот има карактер и став да се обиде да се бори за повисоки цели.
– Не сме во водство бидејќи врвните тимови се мачат. Тоа е историска година за нас. Но освојувањето на сето тоа, сепак, е нешто премногу далеку за размислување. Кога ќе стигнеме до последната третина од сезоната, ќе видиме како стојат работите и кои ќе бидат нашите цели – рече Санчез.

Џирона минатата сезона беше на 10-то место во лигата по три последователни години во Втората лига
– Џирона заслужува големо признание. Има одличен тим. Тоа е најдобриот тим што сум го видел да игра досега – изјави Чави Ернандез, тренерот на Барселона.
Џирона, која го има најдобриот напад во лигата со 38 гола, од самиот почеток е блиску до врвот на табелата. Имаше некои сомнежи во врска со тимот на Санчез, откако не успеа на првиот голем тест, поразот со 3-0 дома од Реал Мадрид, во септември. Но тоа сезонава е единствениот пораз на Џирона, која има и нерешен резултат со петтопласираниот Сосиедад во првото коло и домашното реми со шестопласираниот Атлетик Билбао во ноември.
– Ќе видиме што ќе се случи. Во водство сме и ќе продолжиме да се бориме да останеме во водство. Добро ги правевме работите и треба да продолжиме вака – рече дефанзивецот на Џирона, Мигел Гутиерез, кој постигна еден од головите во неделата. Н.М.