ФУДБАЛ – ФИФА

Пред баражот за пласман на Светското првенство (СП) во Катар неделава, Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница ги одбележа досегашните достигнувања на Португалецот Кристијано Роналдо (37) и ги објави рекордните бројки од настапите на Роналдо за националниот тим. Роналдо е еден од најдобрите напаѓачи на сите времиња, пет пати е избран за најдобар фудбалер на светот, според ФИФА. Тој е најдобриот стрелец во историјата на светскиот фудбал, со 115 гола. Играјќи за Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и за Јувентус, Роналдо насекаде соборуваше рекорди. Сега тој е најдобар стрелец во историјата на фудбалот со 807 гола, рекордер е според најмногу титули во Лигата на шампионите (ЛШ), пет, и според најмногу постигнати голови во тоа натпреварување, 141. За Португалија дебитира на 20 август 2003 година. Во продолжение следуваат некои од бројките на Роналдо.
115 – Со толку погодоци (115) во „црвено-зелениот“ дрес Роналдо е најдобриот стрелец на сите времиња во светскиот фудбал. Помеѓу првиот меѓународен гол на Роналдо против Грција на Европското првенство (ЕП) во 2004 година и 115-от против Луксембург во декември 2021-та, поминаа повеќе од 17 години, што го прави модел на долговечност.

184 – Роналдо е рекордер според бројот на меѓународни натпревари (184) во Европа, пред Шпанецот Серхио Рамос (180), и е меѓу играчите со најмногу настапи во светот. Светски рекордер е Сох Чин Ен од Малезија со 195 меча.
14 – Роналдо е водечки стрелец во историјата на ЕП со 14 гола, постигнати на пет шампионати, пред Французинот Мишел Платини (девет). Португалецот е рекордер и според бројот на одиграни натпревари во ова натпреварување (25) и е единствениот што настапил на пет ЕП. Уште поимпресивно, тој има постигнато барем по еден гол на секое ЕП, од 2004-та досега.
9 – Тој е единствениот што постигнал барем по еден гол на девет големи турнири по ред. Од 2004 година, тој постигна голови на четири СП, во 2006, 2010, 2014 и 2018-та и на пет ЕП, во 2004, 2008, 2012, 2016 и 2020 година.
7 – Капитенот на Португалија од 2007 година е најефикасниот активен португалски играч на СП, со седум гола, постигнати на четири големи турнири. Подобар од него е само легендарниот Еузебио (девет гола).