Во извештајот на спортската бизнис-групација „Делојт“ се наведува дека комбинираните приходи на клубовите во Премиер-лигата се зголемиле за осум отсто и изнесуваат 5,8 милијарди евра во првата целосна сезона (2020/2021) по избувнувањето на коронавирусот

ФУДБАЛ

Клубовите од англиската Премиер-лига можат „да гледаат напред со оптимизам“ откако најновите бројки во 31-от годишен преглед на фудбалските финансии на спортската бизнис-групација „Делојт“ покажуваат дека комбинираните приходи се зголемиле за осум отсто и изнесуваат 4,9 милијарди фунти (5,8 милијарди евра) во првата целосна сезона (2020/2021) по избувнувањето на коронавирусот. Во сезоната 2019/2020, веднаш по пандемијата, приходите од 5,2 милијарди фунти (6,15 милијарди евра) паднале на 4,5 милијарди фунти (5,33 милијарди евра). Предвидувањата се дека приходите за англиските премиерлигаши ќе достигнат 5,5 милијарди фунти (6,5 милијарди евра) за ланската 2021/2022 сезона, односно шест милијарди фунти (7,1 милијарди евра) 12 месеци подоцна, надминувајќи ги нивоата пред ковид-19.
Во извештајот се наведува дека и покрај празните стадиони, европскиот фудбалски пазар ги зголемил комбинираните приходи за 10 отсто, а порастот во голема мера се должи на приходите од ТВ-правата за одложеното Европското првенство (ЕП) 2020 година.
Вкупните приходи на „петте големи“ европски лиги, Премиер-лигата, германската Бундес-лига, шпанската Ла лига, италијанската Серија А и француската Лига 1, се зголемиле за три отсто, на 15,6 милијарди евра. Сепак, само Премиер-лигата, која генерираше 31 милион фунти (36,7 милиони евра) приходи на денот на играњето натпревари, беше единствената од петте лиги во која клубовите го зголемиле вкупниот оперативен профит, кој кумулативно се зголемил од 49 милиони фунти (58 милиони евра) на 479 милиони фунти (567 милиони евра). Со исклучок на Премиер-лигата, вкупните оперативни загуби на клубовите од „големата петорка“ се зголемиле од 461 на 901 милион евра.
– Премиер-лигата, која влегува во четвртата деценија, е понапред од конкуренцијата од кога било досега, откако излезе од пандемијата без значително зголемување на нето-долгот што можеше да се очекува. Но суровата реалност е дека лигата е на нивото од сезоната 2017/2018, нагласувајќи ја клучната потреба за квалитетно менаџирање и финансиско планирање во годините што следуваат – вели Тим Бриџ, водечки партнер во „Делојт“.
Во меѓувреме, трошоците за плати се зголемиле за пет проценти, на 3,5 милијарди фунти (4,14 милијарди евра) во 2020/2021-та, при што само седум од 17-те постојани клубови од Премиер-лигата пријавиле намалување на платите.
Комбинираните приходи на клубовите од втората по квалитет лига во Англија, Чемпионшип, од 600 милиони фунти (710 милиони евра) во 2020/2021-та се намалиле за 78 милиони фунти (92,3 милиони евра) во споредба со 2019/2020 година, главно поради натпреварите зад затворени врати или со ограничена посетеност.
– Нема сомнеж дека е потребна значителна промена за да се поттикне долгорочната финансиска одржливост на Чемпионшип. Без одржлива соработка низ англискиот фудбалски систем, јазот со Премиер-лигата ќе продолжи да се зголемува – вели Бриџ.
Л.Д.