Фото: РФМ

Успехот што го постигнаа кадетите на последното првенство е огромен и многу значаен, како за нив самите, така и за македонскиот ракомет и неговиот понатамошен развој. Од тренерски агол, одговорно можам да кажам дека овој резултат не е случаен и неочекуван, смета поранешниот селектор Владимир Глигоров.

Македонската кадетска ракометна репрезентација минатата недела триумфираше на ЕХФ шампионатот од Б-дивизијата во Летонија и по десетгодишна пауза ѝ обезбеди на Македонија учество на Европско првенство од А-дивизијата и враќање на мундијалска сцена по 2017 година, кога тогашната младинска репрезентација на Македонија го оствари за нас најдобриот пласман мундијалите со освоеното шесто место.

– Оваа генерација на ракометари родени во 2004 и 2005 година во себе има голем потенцијал и талент за уште поголем напредок и постигнување на добри резултати во иднина. Ова го кажувам затоа што во Металург имав можност да работам со повеќето од нив, а низ домашното кадетско првенство и изборните тренинзи да се запознаам и со потенцијалот на сите останати играчи. Не би сакал да издвојувам поединци иако во текот на првенството во Летонија се наметнаа неколкумина, но генерално оваа генерација покажува силен тимски дух, огромна желба за победа, голема самодоверба, висок степен на борбеност и желба за работа и докажување – истакна Глигоров, кој додаде дека без тие карактеристики ниедна селекција не може да трасира пат кон успехот.

Владимир Глигоров/Фото: Фејсбук – ракометен камп „Кирил Лазаров 7“

Светското кадетско првенство во Хрватска в година ќе биде првата следна голема задача на момчињата кои триумфираа во Летонија, а потоа следи настапот на младинското Европско првенство во 2024 година.

Глигоров смета дека пласманот на Македонија следните две големи натпреварувања во голема мера ќе ја унапреди играчката зрелост, рутината и самодовербата на овие млади ракометари, но исто пака препорачува промени во натпреварувачкиот систем и многу поголем број на натпревари во домашните кадетски и младински лиги.

– За да се задржи хомогеноста, да се одржи репрезентацијата активна и да се надоградува, пожелно е на овие деца да им се обезбедат учества на неколку силни турнири, бидејќи квалитетот на натпреварите во А-дивизијата ќе биде многу поразличен и потежок отколку на првенството во Рига. Мислам дека е време да се размислува за лиги во кадетска и младинска конкуренција во кои децата би играле преку целата сезона, а не само турнирски на крајот од сезоната, како што беше додека работев со кадетите на Металург. Не може да очекуваме добар развој на играчите доколку тие немаат минимум 40 натпревари во една сезона – заклучува Глигоров.

Брестовац: Предност на нашата генерација се тимскиот дух и исполнителноста на поставените цели и задачи

– Презадоволен сум и пресреќен од успехот што го направивме, бидејќи изминатите три месеци сите дишевме како еден и верувавме дека можеме да стигнеме до првото место на шампионатот во Рига. Овој успех посебно ни е значаен бидејќи ја вративме Македонија таму каде што припаѓа, во елитата – смета репрезентативниот голман Давид Брестовац кој беше прогласен за најкорисене ракометар (МВП) на финалето во Летонија и дел од идеалниот тим како најдобар голман.

Фото: РФМ

Според Брестовац двете првенства што следуваат се многу значајни за нивните кариери, бидејќи од рана возраст ќе имаат можност да играат на две врвни натпреварувања, на кои паралелно ќе напредуваат колективно и инвидуално.

– Од заедничкиот пат што го поминавме во Рига, можам да кажам дека предност на нашата генерација е тимскиот дух и тоа што секој одговорно си ги исполнуваше задачите и инструкциите. Се надевам дека во иднина ќе бидеме уште подобри, ќе имаме повеќе собири и контролни натпревари за да бидеме максимално подготвени за настап на Светското првенство во Хрватска – забележа Брестовац, кој додаде дека независно од клупските и репрезентативните ангажмани секој од нив мора да продолжи да работи и индивидуално и да го дава својот максимум во клубот за кој настапува, за да се постигне уште подобар индивидуален и тимски квалитет.