Во Лигата на нации ќе има четврт-финале за најдобрите од Лигата А, како и плејоф за промоција/испаѓање за лигите А, Б и Ц. Во квалификациите за СП и за ЕП, пак, ќе има 12 групи со по четири или пет селекции. Според актуелниот формат има 10 групи со по пет или шест селекции, за ЕП 2008 имаше групи со по седум или осум селекции, а претходен пат кога имаше групи со по четири или пет селекции беше во циклусот за ЕП 1992

ФУДБАЛ – УЕФА ОДРЕДИ НОВ ФОРМАТ НА НАТПРЕВАРИ

Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА) одобри нови формати за натпреварите на машките репрезентативци што ќе важат од септември 2024 година, за квалификациските циклуси за Светското првенство (СП) во 2026 година и за Европското првенство (СП) во 2028 година. По обемниот процес на консултации со националните асоцијации, одлучено е малку да се изменат тековните формати на Лигата на нации (ЛН) и на европските квалификации, за да се обезбедат попривлечни и повозбудливи натпревари во постојните датуми, како и да се зајакнат ресурсите на националните асоцијации и да се обезбеди стабилно закрепнување од влијанието на пандемијата, пишува УЕФА на својата интернет-страница. Воведени се нокаут-коло во ЛН и покомпактен формат на европските квалификации, што ќе резултира со попривлечни мечеви без зголемување на вкупниот број натпревари, пишува УЕФА.
Во ЛН ќе има нокаут-рунда во март, со што ќе се создаде континуитет помеѓу групната фаза, која завршува во ноември, и финалето во јуни. Победниците и второпласираните во групите во Лигата А ќе играат во четврт-финалето (мечеви дома и на гости), а победниците ќе се пласираат на фајнлфор-турнирот. Згора, третопласираните од Лигата А и второпласираните од Лигата Б, како и третопласираните од Лигата Б и второпласираните од Лигата Ц ќе играат плејоф за промоција/испаѓање од лигите (мечеви дома и на гости).
Според новиот формат на европските квалификации за ЕП или за СП, селекциите ќе бидат поделени во 12 групи со по четири или по пет репрезентации, што ќе го ревитализира натпреварувањето со тоа што ќе го направи помалку предвидливо и подинамично, пишува УЕФА. Според актуелниот формат за пласман на ЕП има 10 групи со по пет или шест селекции, за ЕП 2008 имаше групи со по седум или осум селекции, а претходен пат кога имаше групи со по четири или пет селекции беше во циклусот за ЕП 1992, кога само првопласираните во седумте групи играа на континенталното првенство.
Репрезентациите во групи со по пет селекции ќе ги почнат квалификациите во март, или во јуни, ако играат во четврт-финалето на ЛН или се вклучени во плејофот. Селекциите во групи со по четири ќе ги почнат своите квалификации во септември. Победниците на групите ќе играат на ЕП или на СП, а второпласираните или директно ќе се пласираат или ќе учествуваат во плејофот (заедно со селекции од ЛН за пласман на ЕП). На ЕП и понатаму ќе играат по 24 репрезентации. Новиот формат ќе се воведе по ЕП 2024.

– Воведувањето на Лигата на нации беше успешна приказна, заменувајќи ги пријателските дуели со поконкурентни натпревари. И сега, со воведување на новата нокаут-фаза, на репрезентациите ќе им се дадат уште повеќе можности за напредок, а притоа ќе го задржат истиот број мечеви во рамките на меѓународниот календар. Предвидливоста на европските квалификации е исто така разгледана и решена, со нов формат што ќе им понуди на сите еднакви шанси да се пласираат на големите турнири. Новиот формат ветува дека ќе донесе повеќе возбуда во натпреварувања на европските репрезентации, кои продолжуваат да растат – рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Следејќи ги еволуцијата на пандемијата на ковид-19 и тековните вкупни случувања низ Европа, вклучувајќи го и отстранувањето на претходните мерки во повеќето домашни натпреварувања, ИК на УЕФА ја прекина примената на „Протоколот на УЕФА за враќање во игра“. УЕФА, сепак, ќе продолжи внимателно да ја следи еволуцијата на пандемијата и, во случај на значителна промена на околностите, ќе предложи соодветни мерки за да се осигури безбедноста на сите засегнати и непречено одвивање на нејзините натпреварувања, вклучувајќи, доколку е потребно, повторно спроведување на сите релевантни обврски и хигиенски мерки, пишува УЕФА.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП И ЗА СП

  • 12 групи со по четири или по пет репрезентации
  • победниците на групите ќе се пласираат на ЕП или на СП
  • второпласираните или ќе се пласираат директно или ќе играат во плејоф

ЛИГА НА НАЦИИ

  • победниците и второпласираните во групите во Лигата А ќе играат во четврт-финале, а победниците ќе се пласираат на фајнлфор-турнирот
  • третопласираните од Лигата А и второпласираните од Лигата Б, како и третопласираните од Лигата Б и второпласираните од Лигата Ц ќе играат плејоф за промоција/испаѓање од лигите