Фото: Игор Бансколиев

Денеска на ред се четири меча, а во вторник две од трите финалиња, по што ќе бидат познати уште две европски селекции што ќе настапат на СП

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКИ БАРАЖИ

Во полуфиналето на плејофот за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Катар, денеска ќе се одиграат четири меча, а во вторник две од трите финалиња, по што ќе бидат познати уште две европски селекции што ќе настапат на СП. Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница пишува за тоа што може да се очекува од овие натпревари.

ГРУПА А: Велс – Австрија во Кардиф. Велс настапи на претходните две европски првенства (ЕП), но останува големата амбиција да стигне до првото СП по 1958 година. Низа фудбалски великани, меѓу кои се Иан Раш, Марк Хјуз и Рајан Гигс, не заиграа на СП. Герет Бејл (32) гори од желба да не се најде на тој список.
Главната работа со Велс е да играм на голем турнир. Тоа е голема работа за сите нас, ние играчите сонувавме за тоа – вели Бејл.
Велс е непоразен на претходните 16 меча дома (од дуелот со Данска во ноември 2018 година). Австрија последен пат играше на СП во 1998 година.

ГРУПА Б: Шведска – Чешка. Чешка не играла на СП од 2006 година, кога успешно го помина плејофот со Норвешка. Чесите стигнаа до осминафиналето на ЕП 2020. На селекторот на Шведска, Јане Андерсон, му е јасно дека неговата репрезентација ја очекува тешка задача. Шведска ги доби претходните девет натпревари во Солна, постигнувајќи 18 и примајќи само четири гола.

ГРУПА Ц: Италија – Македонија во Палермо. Доволно е да се спомене плејоф за СП за да се „смрзнат“ повеќето Италијанци. Четирикратните светски шампиони беа елиминирани од Шведска во плејофот и не се пласираа на СП 2018, со што заврши серијата од 14 последователни настапи на мундијалите. Ресетирањето на „азурите“ поттикнато од тој неуспех беше импресивно, бидејќи Роберто Манчини ја обнови репрезентацијата и ја однесе до триумф на ЕП 2020. – Италија е актуелен европски првак. Тие играат поинаков вид фудбал и тоа им ги отежнува работите на сите противници. Ние ќе мора да се приспособиме на предизвикот – вели селекторот на Македонија, Благоја Милевски, пренесува УЕФА.
Македонија беше една од репрезентациите што ѝ се испречија на Италија на патот кон СП 2018, ремизирајќи во Торино (1-1), по поразот дома (2-3).
Португалија – Турција во Порто. Турција е во нагорна линија и не е победена откако Стефан Кунц стана селектор во септември.
Групата Ц дефинитивно е најтешка. Но напредокот на репрезентацијата во сите сегменти откако јас сум таму ми дава надеж. Нашата желба е најважниот меч, финалето на плејофот да го играме во Турција – вели Кунц, европски првак во 1996-та со Германија.