Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наполи на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас во мечевите за пласман во полуфиналето може да се сретне со Интер, Милан, Челси, Манчестер сити, Баерн, Бенфика и со Реал Мадрид. И лани и сезонава меѓу најдобри осум тима се Челси, Реал, Манчестер сити, Баерн и Бенфика

ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ЗА ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕТО НА ЛШ

Три италијански, две англиски и по еден германски, португалски и шпански тим денеска ќе влезат во единствениот барабан за ждрепката што треба да се влече напладне, за двојките од четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите. Истовремено ќе биде влечена и ждрепката за полуфиналето.
Според пропозициите, за ждрепката нема ограничувања, па, така, меѓу себе може да играат тимови од иста земја, потоа екипи што веќе сезонава се сретнаа меѓу себе во групната фаза од натпреварувањето, како и клубови што беа на исто место во своите групи, првопласирани или второпласирани (тие ограничувања важеа за ждрепката за осминафиналето).
Меѓу најдобрите осум тима сезонава во Лигата на шампионите се италијанските Интер, Милан и Наполи на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, потоа англиските Челси и Манчестер сити, како и Баерн од Германија, Бенфика од Португалија и Реал Мадрид од Шпанија. Шест од осумте тима се некогашни европски прваци, меѓу нив и актуелниот и најтрофеен со 14 континентални титули, Реал Мадрид. Најсилни групи сезонава се Ц и Е, од кои по две екипи се пласираа во четврт-финалето, и тоа Баерн и Интер, односно Челси и Милан.
Од годинашните најдобри осум тима во ЛШ, лани во четврт-финалето играа Челси, Реал Мадрид, Манчестер сити, Баерн и Бенфика (сезонава на местото на Ливерпул, Вилјареал и на Атлетико Мадрид меѓу осумте најдобри тима се Наполи, Интер и Милан).
Осум можни дуели се двојки од некое финале од претходните години, и тоа Реал Мадрид – Милан (од 1958 година), Бенфика – Реал Мадрид (1962), Милан – Бенфика (1963 и 1990), Интер – Реал Мадрид (1964), Интер – Бенфика (1965), Интер – Баерн (2010), Челси – Баерн (2012) и Челси – Манчестер сити (2021 година).
Првите средби се закажани за 11 и 12 април, а реваншите за 18 и 19 април. Н.М.


ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ

Интер Италија
Милан Италија
Наполи Италија
Челси Англија
Манчестер с. Англија
Баерн Германија
Бенфика Португалија
Реал Мадрид Шпанија

мечевите се на програмата од 11 до 19 април