Најефикасен е Роналдо (три гола), Ширер и Зидан биеја од пенал на по две европски првенства, против Лорис и Бартез се изведени најмногу удари од пенал…
ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА 17-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО (9)
На досегашните 16 европски првенства (ЕП) се изведени вкупно 88 пенали во текот на натпреварите, еден фудбалер води на таа листа на стрелци, двајца погодуваа од белата точка на две континентални првенства… На неколку недели до почетокот на Европското првенство годинава во Германија, во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти од минатите шампионати.
Од 88-те пенали, 62 биле претворени во гол, 18 пати голманите одбраниле, а осум пенали фудбалерите изведувачи ги промашиле, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Рекордно беше минатото ЕП, со 16 изведени пенали, потоа се првенствата во 2000 година со 13 и тоа во 2016 година со 12.
Најефикасен пеналџија е Кристијано Роналдо, кој трипати погоди во дресот на Португалија на ЕП 2020, а по два пенала реализираа Алан Ширер за Англија (на ЕП 1996 и на ЕП 2000), Богдан Станку за Романија (во 2016 година), Френк Арнесен за Данска (ЕП 1984), Гаизка Мендиета за Шпанија (ЕП 2000) и Зинедин Зидан за Франција (на шампионатите во 2000 и во 2004 година).
Двајца француски голмани имаа шанса да бранат најмногу удари од пенал, и тоа шест пати Иго Лорис (на три европски првенства, во 2012, 2016 и во 2021 година), од кои пет пати беше совладан и еднаш одбрани, а пет пати бранеше Фабиен Бартез (ЕП 2000 и ЕП 2004), од тоа трипати прими гол, а по еднаш одбрани и противникот промаши, пишува УЕФА.
Најмногу пенали на еден натпревар шутираа Шпанецот Дани и Португалецот Роналдо, и тоа Дани на дуелот со репрезентацијата на Англија (1-2) на Европското првенство во 1980 година (по еден постигнат и одбранет), а Роналдо во ремито со Франција (2-2) на претходниот континентален собир (двата ги претвори во гол).
Арнесен, Мендиета и Станку, пак, изведуваа и постигнуваа голови од пенали на два меча по ред на ист шампионат, Арнесен на дуелот со СФР Југославија, а потоа и со Белгија на ЕП 1984, Мендиета на средбите со СР Југославија и Франција на ЕП 2000, а Станку беше прецизен на натпреварите со Франција и со Швајцарија на Европското првенство во 2016 година, пишува УЕФА.
Најмлад изведувач на пенал на европско првенство е Драган Стојковиќ (со 19 години и 108 дена, во дресот на СФРЈ на средбата со Франција на ЕП 1984), а највозрасен е Ивица Вастиќ (со 38 години и 257 дена, во дресот на Австрија на дуелот со Полска на ЕП 2008П). И двајцата ја затресоа мрежата.
Најраниот пенал на едно европско првенство е изведен во втората минута, Роби Брејди за Република Ирска на дуелот со Франција во 2016 година, а најмногу пенали на еден натпревар, три, имало на средбата Португалија – Франција, четири години подоцна. Најмногу пенали шутирала репрезентацијата на Шпанија, 12, селекцијата на Холандија осум пати, а најмногу биле изведени против Франција, 13, и Германија, 11, пишува УЕФА. Н.М.
До почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите изданија на европските првенства
Идната недела: Почетоците на ЕП