Фото: Маја Јаневска-Илиева

Самиот факт што извозот во Европската Унија доживеа пад што е споредлив со падот за време на пандемијата, значи при вонредни услови, укажува дека станува збор за сериозна појава, која има потенцијал да прерасне во проблем. А со оглед на обемот на размена што Македонија го има со Унијата, падот на увозот во земјите на ЕУ ќе има значително сериозен одраз врз состојбата на нашата економија Поаѓајќи од фактот што македонскиот извоз во Германија опфаќа околу 45 отсто од вкупниот наш извоз, тогаш секое забавување на германската економија не може да не се одрази негативно врз кондицијата на македонската економија…

Поради состојбите во Унијата можен продолжен негативен ефект на домашната економија

Првите процени на билансот на Европската Унија покажаа суфицит од 24,1 милијарди евра во трговијата со стоки со остатокот од светот во март 2024 година, во споредба со + 19,1 милијарди евра во март 2023 година, покажува статистиката на „Евростат“.
Извозот на стоки од еврозоната во остатокот од светот во март 2024 година изнесувал 245,4 милијарди евра, што е намалување од 9,2 отсто во споредба со март 2023 година (270,4 милијарди евра). Увозот од остатокот од светот изнесувал 221,3 милијарда евра, што е пад од 12 отсто во споредба со март 2023 година (251,4 милијарда евра). Извозот на стоки во еврозоната во остатокот од светот паднал на 705,0 милијарди евра (намалување за 3,2 отсто во споредба со јануари-март 2023 година), а увозот паднал на 647,5 милијарди евра (намалување од 12,3 отсто во споредба со јануари-март 2023 година). Трговијата внатре во еврозоната паднала на 650,8 милијарди евра во периодот јануари-март 2024 година, што е намалување за 8,4 отсто во споредба со јануари-март 2023 година. Извозот на стоки надвор од ЕУ во март 2024 година изнесувал 219,6 милијарди евра, што е намалување за 9,5 отсто во споредба со март 2023 година (242,6 милијарди евра).
Увозот од остатокот од светот изнесувал 197,9 милијарди евра, што е намалување за 12,1 отсто во споредба со март 2023 година (225,2 милијарди евра).
Од јануари до март 2024 година извозот на стоки надвор од ЕУ паднал на 628,8 милијарди евра (намалување од 3,3 отсто во споредба со јануари-март 2023 година), а увозот паднал на 580,1 милијарди евра (намалување од 13,4 отсто во споредба со јануари-март 2023 година). Како резултат на тоа, ЕУ забележа суфицит од 48,7 милијарди евра во споредба со дефицитот од 19,2 милијарди евра во периодот јануари-март 2023 година.
Трговијата внатре во ЕУ падна на 1.022,2 милијарди евра во периодот јануари-март 2024 година, -6,9 отсто во споредба со јануари-март 2023 година.
Според универзитетскиот професор Зоран Ивановски, намалената надворешнотрговска активност на земјите од еврозоната сигнализира намалена економска активност во зоната и можни негативни стапки на економски раст, имајќи предвид дека надворешната трговија е негов значаен двигател.

– Тргнувајќи од фактот дека земјите од еврозоната се главен трговски партнер на нашата земја и дека нашата економија е мала и отворена економија, податоците требаат да се земат сериозно, заради процена на евентуалниот негативен ефект на домашниот раст на економијата. Како препорака за идната влада би ја посочил потребата од поголема диверзификација на странските пазари, отворање нови, особено во брзорастечките економии, со што би се намалиле ризиците по растот на домашната економија – укажува Ивановски.
Покрај инвестициите, според него, извозот (поради ограничената длабочина на домашниот пазар) останува приоритет за остварување на посакуваните динамични и одржливи стапки на раст од 5 отсто.
Економскиот експерт Здравко Савески вели дека самиот факт што извозот во еврозоната доживеа пад што е споредлив со падот за време на пандемијата, значи при вонредни услови, укажува дека станува збор за сериозна појава.

– Кога на тоа ќе им се додадат и преостанатите економски податоци околу состојбата со производството и падот на компетитивноста на светските пазари, овие податоци околу извозот и увозот на еврозоната дополнително ги засилуваат аргументите дека на еврозоната ѝ се заканува стагнација не само на краток рок туку и на среден – потенцира Савески.
Со оглед на обемот на размена што Македонија го има со еврозоната, и тој се согласува дека падот на увозот во еврозоната ќе има значително сериозен одраз врз состојбата на нашата економија.
– На пример, ако нашиот извоз во Германија опфаќа околу 45 отсто од вкупниот наш извоз, тогаш секое забавување на германската економија не може да не се одрази негативно врз кондицијата на македонската економија – смета Савески.