Душан Ангеловски и Миле Пеповски беа личности што оставија голема трага во македонската атлетика. Двајцата од млади години беа активни атлетичари, а потоа спортски работници и тренери, кои дадоа голем придонес во развитокот на атлетскиот спорт

Душан Ангеловски (1)

Во минатите времиња, па и сега многумина од оние што биле спортисти, не можејќи лесно да ги заборават годините кога активно се занимавале со некој спорт, и натаму остануваат во него. Некои од нив се вклучуваат во управите на клубовите, други во работата на федерациите, а трети настојуваат своето искуство да им го пренесат на помладите и почнуваат да работат како тренери. Често се случувало овие третите засекогаш да останат во спортот и во него да ја обезбедат својата егзистенција.
Но за да не бидат како што често знаеме да кажеме „боси“ за оваа професија и да се провлекуваат само преку искуството што го имаат стекнато од времето кога спортувале, многумина од нив се школуваат, го завршуваат Факултетот за физичка култура и спорт (во минатото ДИФ) и продолжуваат да работат како едуцирани тренери. Такви примери има насекаде, па и кај нас. Доволно е да ги спомнам имињата на моите другари, за жал двајцата покојни, Миле Пеповски, кој беше сестран спортски работник, и Душан Ангеловски, кој, пак, стана еден од најпознатите атлетски тренери во поранешна Југославија, и ќе стане јасно за какви личности станува збор. Но она што ги поврзуваше и двајцата беше атлетиката.
Пишувајќи за спортските легенди, некако чувствував обврска да ги споменам и нив двајца, кои беа добропознати во атлетскиот свет уште во поранешната држава. Некои се сеќаваат на овој атлетски тандем, други можеби ги подзаборавиле, но, она што ќе го напишам за нив најубаво ќе даде одговор на прашањето зошто двајцата заслужуваат да се најдат во ешалонот на македонските спортски легенди. Па, еве, сега сеќавајќи се на нив и нивните ангажмани во атлетскиот спорт, ќе се обидам на еден би рекол другарски начин, зашто навистина бевме неразделни другари, да го опишам нивниот придонес во развојот на атлетиката во Македонија. Не е битно со кого ќе ја почнам приказната. Двајцата, не само за мене туку и за другите што ги следеа атлетските збиднувања, беа еднакво значајни во напорите на овие наши македонски простори за „кралицата на спортовите“ да не ја загуби круната.

МОМЧЕТО ОД МАЏАРИ

Бидејќи Душан беше повозрасен од Миле, почнувам со него. А, за него има многу нешта да се кажат. Најпрво за неговата биографија, а потоа и за спортската или, поарно речено, атлетска историја. Бидејќи популарниот Дуле не е веќе меѓу нас, убаво се сеќавам на секојдневните разговори, најчесто посветени на атлетиката, а нормално како одлични другари, и на семејството.
Ангеловски, кој потекнува од скромно семејство од скопската населба, тогашно село Маџари, физички не беше толку предиспониран за некој од екипните спортови, па затоа се решил да ѝ се посвети на атлетиката. Тука ја барал својата шанса за афирмација, бидејќи уште како млад бил многу жилав и издржлив. Со оглед на тоа што живеел надвор од градското подрачје, постојано бил во некоја трка.
– Токму поради таа трка, кај мене се роди идејата по завршувањето на осумгодишното училиште да се запишам во средното фискултурно училиште „Методија Митевски-Брицо“ во Скопје. Така, си мислев оти целиот живот ќе ми мине во трчање. Другарите со неверување ја прифатија мојата одлука и се прашуваа од каде сега, од толку други училишта, јас го одбрав токму фискултурното. Интересно е што откако го минав приемниот испит и навистина се запишав во фискултурно, дури тогаш сите ми поверуваа оти она што го говорев претходно не било шега – велеше Душко.
Ангеловски бил горд што негови соученици ќе му бидат спортисти и идни тренери или наставници по физичко воспитување. И навистина беше така. Неговото училиште стана расадник од кој никнаа многу спортски асови.
– Фискултурното училиште го заврши Лазар Лечиќ, за кого и не треба да зборувам каква величина од стручњак стана во кошарката, потоа Атанас Кајчевски, кој беше еден од најдобрите џудисти, а потоа создавач на каратето, кое во 1960-тите години беше многу популарно. Тука учеше и Димитрие Поповски-Шкипер, еден од најдобрите пливачки тренери во поранешна Југославија, потоа Јован Шуков, атлетски првак и тренер, и уште десетина личности што на свој начин со ангажманите во нивните спортови оставија голем белег во македонскиот спорт. Да се школуваш во една таква средина, меѓу момци задоени секој со својот спорт, беше голема привилегија. Тогаш, за да не останам покус од нив, и јас почнав уште поактивно да се занимавам со атлетиката, поточно со трчањето на средни и долги патеки. Тоа го правев најмногу заради лично искуство, да почувствувам како изгледа сето тоа, оти мојата амбиција беше еден ден да станам атлетски тренер – беа зборовите на Ангеловски.
Времето покажа оти Ангеловски имал право во она што го говори. Искуството и теоретските знаења со кои се стекна на факултетот го сторија своето. Тој спој и доведе до тоа Душко да стане еден од најценетите македонски атлетски тренери.

НА ФАКУЛТЕТ ВО БЕЛГРАД

По сѐ изгледа уште во тие мигови кога ги имаше првите трки, најпрво на училишните натпревари во крос, а потоа и на патеката од „земја“ на Градскиот стадион, Дуле ја определи својата иднина. Откако веќе стана атлетичар, и тој како оние повозрасните училишни другари сакаше својот професионален живот да го продолжи во спортот. Но не сакаше да стане само приучен тренер, кој ќе го користи искуството со кое се стекна како активен атлетичар, туку сакаше да биде тренер „вооружен“ и со соодветно теоретско знаење.
– Во времето кога сѐ уште бев средношколец и атлетичар почетник, во Скопје се вратија една група дипломирани студенти од Факултетот за физичка култура во Белград, популарно наречен ДИФ. Меѓу нив беше и тогашниот македонски рекордер на 100 метри (11 секунди), Чедо Шаревски, кој по доаѓањето во Скопје стана професор, а истовремено и тренер во АК Работнички – велеше Душко.
Подоцна, откако нашето дружење стана секојдневно, Душко ја отвори душата и ми рече оти токму Чедо бил причината и тој да оди во Белград да студира на ДИФ.
– Посакував да бидам како него, зашто веќе бев решен цел живот да останам во спортот. Единствен начин да го сторам тоа беше да завршам факултет, зашто активното занимавање со атлетиката трае еден период, додека сум помлад, а потоа – што? Затоа, и покрај тоа што бев свесен оти со моето одење во Белград ќе му создадам финансиски тешкотии на моето семејство, сепак решив да одам и да се запишам на ДИФ. Теоретскиот дел од приемниот испит лесно го минав, оти и во средното училиште бев солиден ученик. Оној пак практичниот, каде што атлетиката на сите им создаваше најмногу проблеми, за мене беше најлесен. Тоа беше и нормално зашто сѐ уште бев активен натпреварувач и не ми беше проблем да ги исполнам квалификациските норми во сите дисциплини. Така станав студент во Белград и сето внимание ми беше насочено кон редовното полагање на испитите. Не смеев да ги разочарам и моите родители, кои се откажаа од многу работи само јас да можам да студирам – беа зборовите на Ангеловски.

ТРЕНЕР ВО ИНЏИЈА

Студентските денови, а и годините, мирно минуваа. Ангеловски со финансиската поткрепа оддома успеваше да излезе накрај, а во индексот се зголемуваше бројот на оценките.
– Испитите редовно ги полагав и полека одев кон крајот на студирањето. Од сите предмети, најмногу ме привлекуваше атлетиката и неа, како испит, лесно ја положив. Сѐ уште тренирав, па практичниот дел и тогаш, како и на приемниот испит, не ми претставуваше проблем – ми раскажуваше Дуле.
Во тие минати времиња на факултетот имаше навистина професори признаени експерти во својот спорт. Тоа сите го знаеја, дури и оние што не беа толку упатени во спортот. Доволно беше да се спомене некое име, како на пример Александар Николиќ, и веднаш тоа асоцираше на кошарката или Драган Петровиќ, кој беше врвен атлетски стручњак, тренер на многу познати атлетичари, меѓу кои и на големиот ас Дане Корица. Сите професори на ДИФ беа врвни во своите области, затоа и нивните студенти беа подготвени веднаш по завршувањето на факултетот да се вклучат во клубовите и да почнат со својот тренерски ангажман. Така се случи и со нашата тренерска легенда Душан Ангеловски, кој додека беше на факултетот веќе почна да работи со една група атлетичари, меѓу кои беше и познатиот маратонец Мирко Вујаклија, кој потекнуваше од Инџија, убав град сместен помеѓу Белград и Нови Сад.
– По завршувањето на ДИФ, благодарение на познанството со Вујаклија, веднаш ми беше понудено да се вработам како професор по физичко воспитување во училиште во Инџија. Шансата не сакав да ја испуштам, па така, станав и професор и тренер во АК Железничар, од кој подоцна произлегоа неколку познати атлетичари, особено во тркачките дисциплини.
Таму впрочем почна тренерската кариера на Ангеловски, кој потоа се врати во Скопје и работеше како тренер во АК Работнички и во АК Маџари, а беше и тренер на атлетска репрезентација на Македонија. Но за тој дел од кариерата, како и за времето поврзано со настаните и со животот во Инџија ќе читате идната недела.


Душан Ангеловски

Роден: во 1940-та во Скопје, починат во 2001 година
Кариера: атлетичар и тренер на АК Работнички, тренер на АК Скопје, АК Маџари, АК Железничар од Инџија (Србија), селектор на железничарската репрезентација на поранешна Југославија, тренер на репрезентацијата на Македонија