Од КАФ, која упатството го издаде откако неколку селекции пријавија случаи на ковид-19, истакнуваат дека во „исклучителни случаи“ организацискиот комитет на турнирот „ќе донесе соодветна одлука“, пишува „Би-би-си“

КУП НА НАЦИИ НА АФРИКА

Репрезентациите што страдаат од ковид-19 ќе мора да ги играат своите натпревари на Купот на нациите на Африка дури и ако имаат на располагање само 11 фудбалери, без голман. Репрезентацијата што не ќе може да го одигра натпреварот ќе го загуби со службен резултат 0-2. Тоа се најновите упатства од Африканската фудбалска конфедерација (КАФ) пред турнирот што почна вчера во Камерун, пишува „Би-би-си“.
Од КАФ, која упатството го издаде откако неколку селекции пријавија случаи на ковид-19, истакнуваат дека во „исклучителни случаи“ организацискиот комитет на турнирот „ќе донесе соодветна одлука“! Египет, седумкратниот шампион на Африка, мораше да го одложи заминувањето на турнирот, а беше принуден и да го откаже тренингот откако беа пријавени случаи на коронавирус во нивниот табор. Напаѓачот на Арсенал и на Габон, Пјер-Емерик Обамејанг, беше меѓу двајцата играчи позитивни на тестот. Гвинеја беше принудена да ги остави во тренинг-базата во Руанда дефанзивецот Микаел Дирестам, играчот од средниот ред Морлаје Сила и напаѓачот Сејдуба Соума. Минатата недела, Зеленортските Острови и дебитантот Гамбија имаа неколку позитивни теста, а и Тунис пријави неколку случаи од својот камп пред почетокот на турнирот, пишува „Би-би-си“.

Турнирот ќе се одржува во услови на пандемија на ковид-19. Поради тоа, само на гледачите што се целосно вакцинирани и кои имаат доказ за негативен тест за вирусот ќе им биде дозволено да ги следат натпреварите на шесте стадиони во петте града-домаќини. Стадионите ќе можат да бидат исполнети до 60 отсто од капацитетите, односно до 80 отсто на натпреварите на домаќинот Камерун.
Купот на нациите, 33-ти по ред, кој лани беше одложен поради пандемијата на коронавирусот, почна вчера и ќе трае до 6 февруари. На турнирот во Камерун ќе настапат 24 репрезентации. Во осминафиналето ќе се пласираат двете најдобри селекции од секоја од шесте групи, плус четири третопласирани со најдобар ефект. Титулата од минатиот шампионат ќе ја брани Алжир, кој е во серија од 40 меча без пораз (од 2018-та) и е еден од фаворитите за освојување на титулата, покрај домаќинот, Камерун, Сенегал, Египет, Нигерија, Мароко итн. На турнирот, на сите 52 натпревари, ќе се употребува системот видеопомошник-судија (ВАР), кој на минатиот турнир, во Египет, во 2019 година, беше во функција од четврт-финалето.