Доставени се над 50 милиони барања за билети, а речиси 2,3 милиони (или 85 отсто) од 2,7 милиони влезници беа достапни за пошироката јавност и за репрезентациите, најмногу билети купиле гледачи од Германија, Англија, Австрија, Швајцарија и од Холандија, најбарани натпревари беа финалето во Берлин, воведниот меч во Минхен и полуфиналињата во Минхен и во Дортмунд, пишува УЕФА
ФУДБАЛ – УЕФА
Со повеќе од 50 милиони барања за билети во двете фази на пријавување, Европското првенство во Германија е официјално најбараниот европски шампионат досега, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). За да се одговори на големиот број барања, речиси 2,3 милиони билети (или 85 проценти) од 2,7 милиони билети беа достапни за пошироката јавност и за репрезентациите.
Досега се достапни 93.147 билети повеќе од првично планираното, што значи дека повеќе поддржувачи од кога било ќе добијат можност да ја бодрат својата репрезентација од трибините, а гледачи од 190 земји ќе бидат пречекани во Германија, пишува УЕФА.
Дополнителниот број достапни места произлезе од враќањето на билетите и финализирањето на конфигурациите на стадионите. Како дел од програмата „Навивачите на прво место“, овие билети им беа понудени и купени од навивачите што првично беа неуспешни во лотаријата.
Продажбата на билетите во бројки: рекордни 20 милиони барања за билети во првата фаза за пошироката јавност и 30 милиони барања во втората фаза посветени на поддржувачите на репрезентациите учеснички; најмногу билети купиле гледачи од Германија, Англија, Австрија, Швајцарија и од Холандија; во продажбата во последен момент, во мај, беа понудени над 100.000 билети, при што речиси еден милион луѓе го посетија порталот за билети за да ги купат овие билети; бројот на билети доделени за пошироката јавност досега е 1.266.004; бројот на билети моментно продадени и резервирани за репрезентациите учеснички е 1.027.143, од кои 220.767 се резервирани за селекциите што се пласираа на ЕП преку плејофот; најбарани натпревари беа финалето во Берлин, воведниот меч во Минхен и полуфиналињата во Минхен и во Дортмунд, пишува Европската фудбалска унија.
Во обид да се минимизира ризикот од реплицирање и дуплирање на билетите, сите билети се дистрибуираат преку официјалната апликација за мобилни билети на УЕФА. Н.М.