Фото: ЕПА

МЛС се игра од 1996 година, посетеноста од тогаш е зголемена од 2,8 милиони и просечни 17.400 на 10 милиони и во просек 21.033 во минатата година, вкупната посетеност годинава е зголемена за 28 отсто, а просечната за седум проценти. Сепак, фудбалот заостанува зад другите спортови во САД

ФУДБАЛ – ПО НАЈАВЕНИОТ ТРАНСФЕР ВО ИНТЕР МАЈАМИ

По две децении натпреварување против Реал Мадрид, Манчестер јунајтед и Бразил, Лионел Меси ќе се бори со НФЛ, МЛБ и НБА, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“. Фудбалската лига на САД (МЛС) се надева на зголемување на својата телевизиска публика и удел на пазарот откако Меси ќе му се приклучи на Интер Мајами следниот месец. По потпишувањето на Пеле со Њујорк Космос во 1975 година и приклучувањето на Дејвид Бекам во Лос Анџелес галакси во 2007 година, се очекува Меси да стане третата голема фудбалска ѕвезда.
– Го имате еден од најдобрите играчи на сите времиња, ако не и најдобриот играч на сите времиња, кој доаѓа по победата на Светското првенство и светската популарност, приклучувајќи ѝ се на американската фудбалска лига. Тоа е само фантастична, фантастична можност за спортот во САД – рече поранешниот претседател на Фудбалската федерација на САД, Сунил Гулати.
Меси ќе ѝ се приклучи на МЛС на 36 години, Пеле имаше 34, а Бекам 32. Меси останува да игра за репрезентацијата на Аргентина и би можел да настапи на Копа Америка в година, а можеби и на Светското првенство во 2026 година, и двете во САД.
Космос од старата северноамериканска фудбалска лига во просек имаше 3.578 гледачи во 1974 година, сезоната пред да пристигне Пеле. До неговата последна година, 1977 година, тие во просек имаа повеќе од 34.000 гледачи.
Фудбалската лига на Северна Америка (НАСЛ) престана да постои по сезоната 1984 и беше заменета во 1996 година со МЛС, лансирана две години откако САД првпат беа домаќини на Светското првенство. Првенството почна со 10 екипи, МЛС порасна на 29 годинава, а Сан Диего треба да почне да игра во 2025 година. Посетеноста е зголемена од 2,8 милиони и просечни 17.400 во 1996 година на 10 милиони и во просек 21.033 во минатата година. Вкупната посетеност е зголемена за 28 отсто годинава, а просечната за седум проценти, пишува АП. Приближно 22 екипи играат на нови или на значително обновени стадиони за фудбал и само шест играат на вештачка трева.

Сепак, фудбалот заостанува зад другите спортови во САД. Вкупно 272 натпревари од редовната сезона на НФЛ (лига во американски фудбал) во минатата сезона во просек имаа 16,7 милиони ТВ-гледачи и на дигиталните платформи, а лигата привлече 18,8 милиони на стадионите, во просек 69.442. МЛБ привлече 64,6 милиони, во просек 26.843.
Меси, светски и континентален шампион и четирикратен победник во Лигата на шампионите, носи голема привлечност. Тој има 469 милиони следбеници на Инстаграм, многу повеќе од 22 милиони на Хавиер Ернандез од ЛА галакси, најследен играч во МЛС, пишува АП. Интер Мајами додаде 3,8 милиони следбеници на Инстаграм и има речиси шест милиони.
Со Меси, клубот би можел да размисли за зголемување на цените на билетите или можеби за преместување на натпреварите од стадионот со капацитет од 18.000 на стадионот со 65.000 седишта во Мајами, домот на тим од НФЛ-лигата и стадион каде што ќе се играат мечеви на Светското првенство во 2026 година, пишува АП. И некои гостувања би можеле да се префрлат на поголеми стадиони.
Сопствениците на МЛС-лигата, директорите и љубителите на фудбалот во САД се надеваат дека влијанието на Меси ќе биде многукратно повеќе, пишува АП. Н.М.