Фото: Игор Бансколиев

Нѐ чека уште еден, последен чекор за да стигнеме до Светското првенство. На добар пат сме да потврдиме зошто сме меѓу 20-те најдобри тимови во Европа, вели селекторот на Македонија, Благоја Милевски, пред мечот утре во Порто, на стадионот „Драгао“, на кој Македонија ќе се сретне со Португалија, во финалето на плејофот, група Ц, за пласман на Светското првенство во Катар годинава

ФУДБАЛ – ПЛЕЈОФ-ФИНАЛЕ ЗА СП 2022

Македонија утревечер ќе игра уште еден историски натпревар, можеби најголем во фудбалската историја. Во Порто, на стадионот „Драгао“, Македонија ќе се сретне со Португалија, во финалето на плејофот, група Ц, за пласман на Светското првенство (СП) во Катар годинава. Македонија оди да направи нова сензација, како онаа од пред неколку дена, кога во Палермо го елиминира актуелниот европски првак Италија, за да ја „шокира“ и Португалија, предводена од големата ѕвезда Кристијано Роналдо, рекордерот според постигнатите голови за една репрезентација (115 на 185 натпревари).
Целиот фудбалски свет зборува за Македонците и за херојската победа над „азурите“. Сега на ред е дуелот со Португалија, која важи за огромен фаворит, но тоа беа и Италијанците.
Македонија го освои второто место во квалификациите, во групата Ј, зад Германија и пред Романија, патем победувајќи ги Германците со 2-1 во Дуизбург, за потоа да направи уште поголемо изненадување со триумфот над Италија во плејоф-полуфиналето.
Португалците, пак, до овој меч дојдоа по триумфот над Турција (3-1) и по освоеното второ место во групата А, зад Србија, од која го загубија решавачкиот меч (1-2) дома во Лисабон, во последното коло од групната фаза. Македонија и Португалија ќе го играат првиот официјален натпревар. Претходните два, пријателски, во 2003 и во 2012-та, завршија со победа на Португалија (1-0, на неутрален терен, во Лозана, Швајцарија, за Португалија играа Луис Фиго, Фернандо Коуто, Руи Коста, Деко…) и со реми (0-0, во Леириа, за Португалија играа Роналдо, Нани, Мутињо…).
Македонија очигледно знае како да игра против фаворити, за што сведочат двете победи, над Италија и Германија, секако и триумфот над Грузија (во плејофот за пласман на Европското првенство лани), сите на гости. ,

Поради тоа има право да се надева на ново изненадување. Португалците имаат одличен тим, составен од екстра-квалитетни поединци, како што се Роналдо, Жоао Феликс, Бруно Фернадес, Бернардо Силва, Диого Жота, Жоао Кансело и други ќе играат дома, а и имаа повеќе време за одмор од македонските фудбалери. На мечот со Турција, гостите ѝ направија огромни проблеми на португалската одбрана, на ветеранот, 38-годишниот Жозе Фонте, и на Данило Переира, кои не дејствуваа најсигурно. Но многуте опции во средниот ред и во нападот се предноста на домашниот тим.

Македонија, која направи едно од најголемите изненадувања во поновата фудбалска историја, со победата над Италија, покажа дека може да игра рамноправно против која било светска репрезентација и оти улогата на аутсајдер на тие мечеви сосема ѝ одговара, затоа што може да игра релаксирано и без притисок. Во тимот се враќаат суспендираните, еден од најдобрите, играчот од средниот ред Елиф Елмас и Тихомир Костадинов, а тука се и голманот Столе Димитриевски, левиот бек Езгјан Алиоски, играчот од средниот ред Енис Барди и јунакот од Палермо, Александар Трајковски.
– Победивме една од најдобрите селекции во светот, актуелниот европски првак Италија, на гости. Нема да застанеме тука, нѐ чека уште еден, последен чекор за да стигнеме до Светското првенство. На добар пат сме да потврдиме зошто сме меѓу 20-те најдобри тимови во Европа – вели селекторот на Македонија, Благоја Милевски.
Македонија никогаш досега не настапила на СП. Португалија ќе игра за осми настап, откако претходно играше во 1966, 1986, 2002, 2006, 2010, 2014 и во 2018 година. Најголемиот успех го забележа на дебито на СП, во Англија, кога беше трета, предводена од легендарниот Еузебио.


Костадинов: Верувам во оваа репрезентација

На половина пат сме до Светското првенство, имаме уште 90 минути. Сигурен сум дека ќе го дадеме максимумот за да го повториме успехот од Палермо. Нѐ чека поинаков меч, Италија игра повеќе тимски, а Португалија се потпира повеќе врз индивидуалните квалитети на играчите. Ќе ни бидат потребни истата желба и пожртвуваност, а со мала доза среќа мислам дека можеме да се радуваме и да ја оствариме целта. Стивна еуфоријата по победата над Италија, сега сме фокусирани на Португалија, се подготвуваме психолошки и тактички да одиграме на највисоко ниво. Верувам во оваа репрезентација и по она што го стори против Италија, зошто да не го повтори уште еднаш против Португалија – рече Тихомир Костадинов.


Елмас: Треба да се искористи шансата

Можеби еден од најтешките, највозбудливите натпревари досега за сите што сме тука. Имаме 90 минути да си го оствариме нашиот сон уште како деца и на цела нација. Треба да знаеме дека оваа шанса не смееме да ја пропуштиме, треба да сториме сѐ што е до нас да стигнеме до Катар. Ова ќе биде различен натпревар од оној со Италија. Мислам дека индивидуално Португалија е поквалитетна од Италија, знаат дека се игра само еден, финален меч, дека не смеат да нѐ потценат, а би сакал да нѐ потценат. Двете репрезентации ги делат само 90 минути од Катар – вели Елиф Елмас.


Фернандо Сантош: Ова е финале, а финалињата се многу тешки

Ова е финале, а финалињата се многу тешки. Сум бил вклучен во многу од нив, па знам за што зборувам. На крајот, ова се натпревари што треба да се добијат. Македонија ја победи Италија, што значи дека ќе биде многу тешко. На овој натпревар ќе му пристапиме со иста почит каква што покажавме и против Турција, изјави селекторот на Португалија, Фернандо Сантош, кој е на оваа функција од 2014 година и има освоено две титули, првак на Европа во 2016 година и триумф во првото издание на Лигата на нации во 2019-та.