Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во најдобриот состав на македонската репрезентација се враќа капитенот Стефан Ристовски, а повратник во репрезентацијата е и напаѓачот на италијански Удинезе, Илија Несторовски. Двата тест-меча ќе се играат во Скопје, идната недела

ФУДБАЛ

Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, објави список со 26 фудбалери за двата пријателски меча во ноември, во Скопје, со селекциите на Финска (17 ноември) и на Азербејџан (20 ноември). Во најдобриот состав на македонската репрезентација се враќа капитенот Стефан Ристовски, а повратник во репрезентацијата е и напаѓачот на италијански Удинезе, Илија Несторовски, објави Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својата интернет-страница. Собирот на репрезентацијата е в понеделник.
– За жал, повторно не сме комплетни и се навикнавме веќе 14 месеци поради различни причини да не можеме да ги собереме најдобрите во еден момент. Адеми на последниот меч за Динамо доби повреда на задната ложа, Чурлинов, Костадинов и Илиев се враќаат полека од повредите, но ги немаме за овие натпревари. Велковски е на список и ќе биде со нас, но 14 дена работи само индивидуални тренинзи. Доста подобра им е формата на фудбалерите во однос на септември, пред сѐ на тие што се носители, тука мислам на Барди, Елмас, Алиоски…, дополнително тие што не беа на септемврискиот собир полека влегуваат во натпреварувачка форма, како Давид Бабунски и Бобан Николов. Кире Ристевски имаше период на аклиматизација и сега е на задоволително ниво. Се надевам по викендов, по клупските натпревари, сите фудбалери ќе останат здрави. На овие натпревари очекувам подобрување во однос на дуелите во Лигата на нациите. Сепак, ова се истите момци што постигнуваа по три, па и пет гола по натпревар. Можеби лошата форма и проблемите со ненаоѓање тимови беа пресудни и се надевам дека тоа е веќе зад нас. Финска е одлична репрезентација, сериозен тим, со кој ќе биде тешко. Исто така, Азербејџан е во голем подем. Овие натпревари ќе ни послужат за нашиот правец и насока за иднината – рече Милевски, пренесе ФФМ.
Македонија и Финска досега одиграле пет средби (две во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2006 година), а македонската репрезентација има по една победа и реми и три пораза. Македонија и Азербејџан, пак, претходно одиграа седум меча (две средби во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2002 година), а Македонија забележа пет победи и две нерешени средби. Црвено-жолтите годинава одиграа девет средби, две во баражот од квалификациите за пласман на Светското првенство, шест во Лигата на нациите и еден пријателски меч.
Состав: Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Валјекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Кристијан Наумовски (Шкупи), Игор Алексовски (Работнички). Одбрана: Дарко Велковски (Ал Етифак, Саудиска Арабија), Висар Муслиу (Инглоштат, Германија), Езѓан Алиоски (Фенербахче, Турција), Тодор Тодоровски (Сумгаит, Азербејџан), Стефан Ашковски (Ламиа, Грција), Никола Серафимов (Мол Види, Унгарија), Кире Ристевски (Пјуник, Ерменија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Стефан Ристовски (Динамо Загреб, Хрватска). Среден ред: Енис Барди (Трабзонспор, Турција), Агон Елези (Вараждин, Хрватска), Јани Атанасов (Хајдук, Хрватска), Стефан Спировски (Пјуник, Ерменија), Давид Бабунски (Мезекевешд, Унгарија), Бобан Николов (ФЦСБ, Романија), Елиф Елмас (Наполи, Италија). Напад: Милан Ристовски (Спартак Трнава, Словачка), Бојан Миовски (Абердин, Шкотска), Александар Трајковски (Ал Фејха, Саудиска Арабија), Ваљон Етеми (Истанбулспор, Турција), Љупче Дориев (Шкендија), Илија Несторовски (Удинезе, Италија).