Фото: Игор Бансколиев

Да се биде број еден четири години е огромно достигнување, бидејќи само Бразил и Шпанија биле подолг период на таа позиција. Но сега тоа повеќе не е цел за нас. Би било многу неодговорно да се концентрираме на тоа. Имаме поголеми цели, а тоа е да го подобруваме тимот, да работиме и да се подготвиме колку што можеме подобро за СП, вели Мартинез

ФУДБАЛ

Шпанецот Роберто Мартинез, селектор на Белгија, инсистира на тоа дека првата позиција на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) не е доволна сатисфакција и посакува триумф на Светското првенство (СП) во Катар. Белгијците, без некои од најдобрите играчи, како Кевин де Брујне и Ромелу Лукаку, ремизираа со Република Ирска (2-2) на саботниот пријателски натпревар во Даблин.
– По Светското првенство во 2018 година, една од главните цели ни беше да станеме број еден во светот, бидејќи тоа е еден од начините да се измери конзистентноста на репрезентацијата. Постојат два начина за мерење на националниот тим, постои турнирски фудбал и постои конзистентност на тоа ниво со победување на натпревари во квалификациски кампањи и тоа овозможува квалификување на најголемите турнири. Да се биде број еден четири години е огромно достигнување кога се гледа големината на нацијата, бидејќи само две репрезентации, Бразил и Шпанија, биле подолг период на таа позиција. Но сега тоа повеќе не е цел за нас. Би било многу неодговорно да се концентрираме на тоа. Имаме поголеми цели, а тоа е да го подобруваме тимот, да работиме и да се подготвиме колку што можеме подобро за Светското првенство – вели Мартинез.
Мартинез за мечот со Р Ирска избра само играчи со помалку од 50 репрезентативни мечеви, а недостигаше еден од најдобрите, Еден Азар.

– Му верувам многу на Еден како фудбалер, како на личност и како на капитен. Не знам дали ќе биде вклучен во јунските натпревари, треба да видиме како ќе закрепнува. Но кога ќе биде здрав, тој ќе биде некој во кого полагаме големи надежи и кој е многу важен за нас – вели Мартинез.
Помошник на Мартинез е Французинот Тиери Анри, со кого Ирците имаат лоши спомени поради играњето со рака во плејоф-мечот за СП 2010. Тогаш Французите победија и играа во Јужна Африка, а Ирците останаа дома. Поради тоа публиката во Даблин го „поздрави“ Анри со свирежи во 25-та минута од мечот, кога на големиот екран на стадионот се појави клупата на Белгија, на која покрај резервните играчи беше и Анри.
– Тиери е фудбалски човек чие однесување како фудбалер создаде неверојатни моменти и создаде неверојатни приказни. Сега тој е во сосема друга улога, неговата работа со репрезентацијата е многу, многу важна, сѐ друго е минато и небитно – вели Мартинез.