Селекторот Манчини ги повика расположливите фудбалери на тридневен камп од денеска, со затворени тренинзи во базата на репрезентацијата, пред полуфиналниот плејоф-меч со Македонија, во март, за пласман на СП 2022. Во составот се 35 фудбалери, по неколку години во репрезентацијата се враќа Балотели, има седум нови фудбалери…

ФУДБАЛ

Првпат по септември 2018 година, Марио Балотели повторно е во селекцијата на европскиот шампион Италија, меѓу 35-те фудбалери на тридневниот тренинг-камп неделава во Коверчано, базата на репрезентацијата. Кампот, од денеска до петок (со затворени тренинзи), е една од последните можности за селекторот на „азурите“, Роберто Манчини, да ги собере расположливите фудбалери пред полуфиналниот плејоф-натпревар за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Катар, со Македонија, на 24 март во Палермо. Победникот од таа средба, на 29 март ќе игра на гости со победникот од дуелот Португалија – Турција, за пласман на Мундијалот.
Балотели (31) сезонава постигна осум гола на 18 првенствени натпревари за турскиот Адана Демирспор. Во дресот на Италија, тој постигна 14 гола на 36 натпревари, но по СП 2014 во Бразил одигра само три натпревари. Балотели во кариерата соработувал со Манчини во Интер и во Манчестер сити.
Манчини на кампот повика седуммина нови фудбалери, меѓу кои дефанзивецот на Лацио, Луис Фелипе, и напаѓачот на Калјари, Жоао Педро, кои се Бразилци со италијански пасоши. Нови имиња на списокот се и голманот Марко Карнесеки од Кремонезе, Џорџо Скалвини, играчот од одбраната на Аталанта, фудбалерите од средниот ред, Николо Фаџоли од Кремонезе, Давиде Фратези од Сасуоло и Самуеле Ричи од Емполи. Во составот се петнаесетина фудбалери што беа во составот на Италија на Европското првенство лани.
Италија остана без еден од клучните фудбалери, напаѓачот на Јувентус, Федерико Киеза, кој ќе паузира подолго време по операцијата на коленото. Од италијанскиот табор додаваат и дека некои од повредените и моментно отсутни играчи, како Џанлуиџи Донарума и Жунињо, дополнително ќе бидат додадени на списокот.


СОСТАВОТ НА ИТАЛИЈА

Голмани: Марко Карнесеки (Кремонезе), Алесио Крањо (Каљари), Алекс Мерет (Наполи), Салваторе Сиригу (Џенова).
Одбрана: Алесандро Бастони (Интер), Кристијано Бираги (Фиорентина), Давиде Калабрија (Милан), Џорџо Кјелини (Јувентус), Матија де Шилјо (Јувентус), Џовани ди Лоренцо (Наполи), Алесандро Флоренци (Милан), Луис Фелипе (Лацио), Џанлука Манчини (Рома), Лука Пелегрини (Јувентус), Џорџо Скалвини (Аталанта), Рафаел Толои (Аталанта).
Среден ред: Николо Барела (Интер), Брајан Кристанте (Рома), Николо Фаџоли (Кремонезе), Давиде Фратези (Сасуоло), Мануел Локатели (Јувентус), Матео Песина (Аталанта), Самуеле Ричи (Емполи), Стефано Сенси (Интер), Сандро Тонали (Милан).
Напад: Марио Балотели (Адана Демирспор), Доменико Берарди (Сасуоло), Федерико Бернардески (Јувентус), Чиро Имобиле (Лацио), Лоренцо Инсиње (Наполи), Жоао Педро (Калјари), Џакомо Распадори (Сасуоло), Џанлука Скамака (Сасуоло), Матија Закањи (Лацио) и Николо Заниоло (Рома).