Втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) почна во понеделникот. Над 40 странски македонисти и слависти од 17 земји, преку виртуелна настава, до 29 јануари ќе ги продлабочат своите познавања и ќе согледаат нови предизвици за своите проучувања за македонскиот јазик, литература и култура. Пријавени се учесници од универзитетските центри од Австралија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Италија, Полска, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска, Чешката Република и Швајцарија.
– Тоа се истакнати имиња на славистиката, универзитетски професори со долгогодишно искуство и автори на референтни истражувања на европската и светската филологија, како и млади истражувачи – слависти и македонисти, меѓу коишто се и студенти на прв циклус студии – идни афирматори на македонскиот јазик, литература и култура во светот. Големиот интерес е потврда на интересот за изучување на македонистиката на водечките универзитетски центри во светот, како и бројноста на активните посветеници на македонистиката во меѓународната академска заедница – велат организаторите.
Наставата за групите ќе ја изведуваат лекторите: Гордана Алексова (за напреднато ниво на познавање на македонскиот јазик), Борче Арсов и Бобан Карапејовски (средно ниво на познавање на македонскиот јазик), Биљана Стојановска и Марија Пандева (основно ниво на познавање на македонскиот јазик), како и Иван Антоновски (напреднато ниво за литература).

Лани Зимската школа беше посветена на Блаже Конески, а одбележување значаен јубилеј за македонската култура е предвидено и со годинешното издание – курсот по литература (напреднато ниво) во целост ќе биде посветен на дело од творештвото на великанот Горан Стефановски, по повод 70 години од неговото раѓање. Ова е прва активност со којашто се одбележува овој голем јубилеј, а МСМЈЛК при УКИМ планира и натамошни активности, во рамките на остварувањето на својата програма за работа оваа година.
По одржувањето на шестдневната настава (вкупно по 30 часа за секој курс), со програмата на Зимската школа е предвидена и завршна виртуелна средба на учесниците, како и пополнување книга на впечатоци, која ќе овозможи насоки и видувања и за натамошните активности на МСМЈЛК при УКИМ, како при развивањето на Зимската школа така и при спроведувањето на другите свои активности и секојдневната посветеност на успешното работење на постојните и отворање нови лекторати по македонски јазик на значајните универзитетски центри во светот.