Фото: Фејсбук/Македонска амбасада во Австралија

Рекордни 16 фудбалски клубови кои настапија со 35 екипи, меѓу кои и оние од македонската заедница, одиграа вкупно 70 мечеви на традиционалниот турнир „Масо куп“, одржан изминатиот викенд во Волонгонг, во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс.

Македонската амбасадорка во Австралија, Билјана Стефановска-Сековска, ги предаде пехарите на најуспешните екипи. Бенкстаун сити лајонс и Рокдејл сити санс – Илинден победија во првата, односно во втората дивизија, Шелхарбур триумфира во конкуренција за фудбалери на 35-годишна возраст, додека Бродмедоу меџик стигна до трофејот во женска конкуренција, а Рокдејл сити санс во младинска конкуренција.

Натпреварувањето на екипите од македонската заедница во Австралија беше организирано за првпат во 2008 година. Прв победник беше Алтона Меџик Вардар, а Рокдејл Илинден е рекордер со осум освоени пехари.