Ова е циклус во кој црвено-жолтите ќе играат за втор пласман во низа на континентално првенство, по дебито во 2021 година. Првиот меч на Македонија во групата Ц е утре со Малта, во Скопје, а дербито на групата е во Неапол, каде што се среќаваат Италија и Англија, финалистите на ЕП 2020
ФУДБАЛ
Македонската фудбалска репрезентација во комплетен состав ги одработува подготовките за утрешниот меч со Малта во Скопје (20.45 часот), со кој го почнува јубилејниот 15-ти циклус квалификации, осми за пласман на европските првенства (ЕП), овој пат за тоа в година во Германија. Ова е циклус во кој црвено-жолтите ќе играат за втор пласман во низа на континентално првенство, по дебито во 2021 година. Во досегашните 14 квалификации, највисоки пласмани на Македонија во групата беа второто место во циклусот за Светското првенство во 2022 година и третото во квалификациите за ЕП 2020.
Македонија со осумте меча во групата Ц, во која се и репрезентациите на Италија, Англија и на Украина, ќе може да достигне јубилејни бројки во некои статистички категории, како, на пример, 20-та победа во квалификации за ЕП (досега има 17), 50 триумфи во официјални средби, не сметајќи ги пријателските (сега има 46), 200 постигнати голови во квалификациски или средби во Лигата на нациите (сега има 199)…
Групата Ц е една од најтешките, со учество на финалистите на претходното Европско првенство, играно во 2021 година, актуелниот европски шампион Италија и вицепрвакот Англија. Македонија неколкупати ги изненади тие две репрезентации и, на пример, во четирите меча на гости нема пораз. Во 2002 и во 2006 година, Македонија ремизира двапати на гости кај Англија, и тоа 2-2 во Саутемптон и 0-0 во Манчестер, а со Италија на гостински терен во 2017 година одигра 1-1 во Торино и лани победи со 1-0 во Палермо, во плејофот за пласман на Светското првенство.
Македонија ќе го почне новиот циклус и со нов дизајн на дресови, објави Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
– Исклучително сум горд што имам привилегија да го носам прекрасниот македонски дрес. Со нетрпение очекувам да го облечеме новиот дрес, кој ја следи препознатливата традиција. Нашиот дрес со сонце е еден од најпрепознатливите и сигурен сум дека ќе биде многу популарен меѓу нашите навивачи – изјави капитенот Стефан Ристовски, пренесе ФФМ.
Италија и Англија ќе се сретнат веќе во првото коло, утре, во Неапол.
– Очигледно е тешка ждрепка, со оглед на квалитетот на противниците, а ние имавме ждрепки во квалификациите, кои, веројатно, беа малку подобри од сега – изјави англискиот селектор Герет Саутгејт, пренесе „Скај спорт“.
Германија, како домаќин, е единствената селекција што веќе е пласирана на ЕП 2024. Првите две репрезентации од секоја од 10-те квалификациски групи ќе играат на ЕП 2024, како и три репрезентации преку плејофот на Лигата на нациите (засега сигурни за настап се Холандија, Хрватска, Шпанија и Италија од лигата А, Израел, БиХ, Србија и Шкотска од лигата Б, како и Грузија, Грција, Турција и Казахстан од лигата Ц, но конечните учесници ќе бидат одредени по завршувањето на квалификациите). Н.М.