Миура, кој постигна 55 гола на 89 меча за Јапонија од 1990 до 2000 година, на 56 години сезонава ќе игра за португалскиот второлигаш Оливеиренсе
Казујоши Миура на 26 февруари ќе наполни 56 години. Но, наместо полека да се подготвува за пензија, поранешниот јапонски репрезентативец се впушти во нова фудбалска авантура. Центарфорот, кој постигна 55 гола на 89 меча за својата репрезентација од 1990 до 2000 година, како позајмен играч од јапонскиот клуб Јокохама сега ќе игра за португалскиот второлигаш Оливеиренсе. Тоа го потврдија и двете страни, пишува „Дојче веле“ (ДВ).
– Иако ова е ново место за мене, ќе се обидам на сите да им ја покажам играта по која сум познат – вели Миура, кој се смета за еден од најдобрите фудбалери во историјата на Јапонија.
Според спортскиот научник Инго Фробезе од германскиот спортски универзитет во Келн, за тоа дали маж во средината на педесеттите може да издржи уште во Втората лига, зависи од позицијата и времето на игра.
– Во секој случај морате да го платите данокот на играње, но тоа мораат веќе и 30-годишниците. Секако дека тоа е случај и со 56-годишник, особено кога станува збор за издржливоста, брзината и способностите за реакција, оти со возраста, интеракцијата помеѓу нервите и мускулите се влошува. По правило, врвот се достигнува на возраст од 23 до 25 години. Но многу може да се постигне и преку искуството. Можете подобро да предвидите каде оди топката и на тој начин да го намалите движењето – вели Фробезе за ДВ.
Според Фридхелм Функел, поранешен долгогодишен тренер во Бундес-лигата, Миура би можел да се докаже во својот нов клуб.
– Не знам на кое ниво се португалските второлигаши, но верувам дека во фудбалот, како и во секој друга професија, искуството е многу важно. Верувам дека ќе добие шанса да игра, а не само да биде статист. Имав соиграч во Бундес-лигата, во Ирдинген, Зиги Хелд, кој имаше 39 години. Од него научив многу за професионалното однесување. Тие имаат повеќе животно искуство од младите луѓе. Затоа секогаш инсистирав договорите на искусните играчи да им бидат продолжени барем за уште една година – изјави Функел за ДВ.
Миура објави дека сака да игра до 60 години. Тоа за Фробезе е изводливо.
– Денес 60 години се она што порано беа 50. Можеме да бидеме 40-годишници најмалку 20 години. Тоа се постигнува со редовен тренинг, но потоа, сепак, станува потешко. Тогаш почнува „губењето месо“, а уште не ги знаеме точните причини. Резултатот е губење мускулната сила и волумен, а тоа веќе не може да се компензира со тренинзи – вели Фробезе за ДВ. Г.И.