Италијанскиот претставник Интер и во реваншот го победи Милан и по 13 години повторно ќе игра во финалето во ЛШ
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ПОЛУФИНАЛЕ
Фудбалерите на Интер по 13 години повторно ќе играат во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ), закажано за 10 јуни на стадионот „Ататурк“ во Истанбул, откако во полуфиналниот двомеч го елиминираа градскиот ривал Милан со вкупни 3-0. Во првиот меч беше 2-0, а во реваншот на стадионот „Ѓузепе Меаца“, со голот на аргентинскиот интернационалец Лаутаро Мартинез во 74-та минута, само ја потврдија својата доминација. Интер е третиот тим што успеал да го исфрли Милан во оваа фаза од натпреварувањето. Претходно тоа им успеало на Реал Мадрид (1956) и на Барселона (2006), кои потоа и станале европски шампиони.
– За нас ова беше сон, но верувавме и го исполнивме. Патот до финалето беше неверојатен оти го победивме градскиот ривал во полуфиналето. Никогаш не ветував ништо, но знаев дека ќе се потрудиме максимално. Кога дојдов, целта беше да се избори само нокаут-фаза во ЛШ, но сезонава го исполнивме и сонот за финале. Среќен сум – задоволно изјави по мечот тренерот на Интер, Симоне Инзаги.
Интер последен пат го подигна славеничкиот пехар во ЛШ во 2010 година кога во финалето го победи бундеслигашот Баерн Минхен, кога неговите бои ги бранеше и Македонецот Горан Пандев, а истата година стана и светски клупски првак. Сега, кој и да му биде противник, Манчестер сити или Реал Мадрид (реванш-мечот го играа синоќа во Манчестер, откако во првиот дуел заврши 1-1), се чини италијанскиот клуб ќе има мошне тешка задача да стигне до посакуваната цел.
– Секако дека сме разочарани, оти имавме одлична кампања во ЛШ сезонава, па се надевавме дека ќе стигнеме до финалето. Но научивме многу од овој двомеч. Сепак, ако се земе предвид фактот дека сме најмладиот тим што ја освои домашната лига лани, на Милан не може да се гледа негативно – нагласи тренерот на Милан, Стефано Пиоли. Г.И.