Место и за македонскиот народ во македонскиот устав (!)

Апетитите за попривилегирана позиција на малцинствата во македонскиот устав се чини дека се приближуваат до степен на ирационалност, па можеби ќе треба да се бара слободно место за Македонците во македонскиот устав?! Тоа би бил резултатот од хипотетичката кулминација на иронијата во која се ставени Македонија и Македонците со условот за уставни измени за да бидат дел од ЕУ, ако продолжат да се однесуваат како несвесни за парадоксалната ситуација во која се наоѓаат

Во каква точно иронична ситуација се влезени (ставени) Македонците со условот за спроведување уставни измени за почеток на преговорите со ЕУ за полноправно членство, можеби ќе се дознае кога (ако) Македонија ќе стане навистина членка на ЕУ. Според литературната или драмската теорија, постојат повеќе видови иронија. Но актуелната состојба на неформално започнатиот процес на уставни измени, со почеток на функционирање на работна група што треба да го подготви текстот на измените, најмногу наликува на драматична иронија. Тоа е онаа иронија од парадоксална ситуација со која се соочува ликот во драмското дејство без да знае за тоа, додека публиката од своја страна е свесна за ситуацијата во која се наоѓа ликот.
Амбиентот што сѐ поинтензивно се создава во Македонија (однадвор, но и од домашни фактори) за „итната потреба од внесување на Бугарите“ во македонскиот устав за да не бидат блокирани евроинтеграциите, оди во прилог токму на нагласување на парадоксот за драматичната иронија на Македонците. Барањето од францускиот предлог на ЕУ за додавање на Бугарите (без нагласување во каква форма) во македонскиот устав, покрај веќе постојните малцинства, наведени во преамбулата како делови од народи, ја отвори македонската уставна Пандорина кутија за статусот на малцинствата. Откако е легитимирано функционирањето на работната група за уставните измени, иако оттаму нема официјални одгласи, во јавноста веќе циркулираат неавторизирани информации или шпекулации за размена на идеи и предлози за унапредување на статусот и на веќе споменатите малцинства во Уставот, до степен на изедначување со статусот на мнозинскиот македонски државотворен народ. Од ваквите неформални размислувања и размена на идеи, полугласно е испуштен еден пробен балон за „преамбула со два народа, пет заедници и многу малцинства“… Одредени интелектуалци, пак, погласно апелираат за уште една уставна жртва од страна на Македонците за внесување на Бугарите во Уставот, „избирање на помалиот ризик“, во чест и за љубов на ЕУ, која веќе ги има погазено своите ветувања за Македонија, по една капитална национална жртва со менување на уставното име. Очигледно дека во наметнувањето на условот за менување на Уставот на Македонија, многумина препознаа шанса за национална и политичка афирмација во државата, користејќи ги евроинтеграциите за сопствените национални аспирации.

Апетитите за попривилегирана позиција на малцинствата во македонскиот устав се чини дека се приближуваат до степен на меѓународноправна ирационалност, па ќе треба да се бара слободно место за Македонците во македонскиот устав! Тоа би бил резултатот од хипотетичката кулминација на иронијата во која се ставени Македонија и Македонците со условот за уставни измени за да бидат дел од ЕУ, ако продолжат да се однесуваат како несвесни за парадоксалната ситуација во која се наоѓаат.
Повеќе уставни експерти сметаат дека со претходните измени на Уставот на Македонија, замената на „одлуките од АСНОМ“ со „прогласот“ во текстот на преамбулата, оставен е простор за дискутабилност на државотворната улога и значење на македонскиот народ, кој и денес претставува мнозинство во државата. Во тоа се препознаваат обиди за релативизирање на фактот дека Македонија е национална држава на Македонците, односно единствена матична држава на Македонците. Настојувањето за внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, во најголемиот дел од македонската јавност се доживува како загрозување на тој државотворен статус на Македонците во Македонија, поради негирањето на официјалната бугарска политика на автохтоноста на македонското национално постоење. Барањето, пак, на албанските партии во Македонија за отстранување од Уставот на формулацијата „јазик што го говорат 20 отсто од населението“ и замена со „албанскиот јазик“, оди исто така во насока на деградација на официјалниот статус на македонскиот јазик во македонската држава. Прашањето на статусот на македонскиот јазик е нераскинливо поврзано со автентичноста на постоењето на македонскиот народ низ историјата (што го оспорува Бугарија), но и конститутивниот статус во денешната македонска држава, на што претендира албанскиот фактор со бришењето на формулацијата „јазик што го говорат 20 отсто од населението“.

Предизвикот на кој се нафати работната група за уставни измени е во преамбулата да го унапреди статусот на македонскиот народ, така што тој ќе биде дополнително зајакнат и издигнат на едно повисоко ниво, со што јасно би се нагласила разликата од Бугарите, за кои со францускиот предлог се инсистира да бидат внесени. Секако, тука е и притисокот на албанскиот фактор за тие „20 отсто“. Сепак, појдовната точка во сите идеи и предлози за уставни измени треба да биде фактот дека македонскиот народ е тој што е носител на вековните стремежи и борба за своја држава, оној што успеа да го изнесе лавовскиот дел во националната, социјална и антифашистичка борба за ослободување на Македонија, се разбира со сите оние малцински етнички ентитети на кои Македонија им била и е нивна татковина. Нам, Македонците, Македонија ни е единствена матична држава. Впрочем, независно од етничката припадност, сите граѓани на Македонија се рамноправни и со еднаков граѓански статус според Уставот и законите. Но ние Македонците не смееме самите да се анулираме како носители на националниот унитарен државен ентитет што самите сме си го создале, а сме отвориле широки порти (права) за сите што сакаат да живеат заедно со нас во заедничка држава.