ФУДБАЛ – ТРЕТО КОЛО ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

На стадионот „Енфилд“, во англиско-шкотската пресметка, првпат во европски меч ќе се сретнат европскиот вицепрвак Ливерпул и Ренџерс. Челси, под водство на новиот менаџер Потер, го пречекува италијанскиот и седумкратен европски шампион Милан…

Во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, по паузата поради мечевите на репрезентациите во Лигата на нации (ЛН), денеска и утре треба да се одиграат 16 натпревари од третото коло. По две кола, осум тима имаат по максимални шест бода (Наполи, Бриж, Баерн, Спортинг, Реал Мадрид, Манчестер сити, ПСЖ и Бенфика, од нив без примен гол се Бриж, Баерн, Спортинг и Реал).

На стадионот „Енфилд“, во англиско-шкотската пресметка, која секогаш е интригантна, ќе се сретнат европскиот вицепрвак Ливерпул и Ренџерс, првпат играат меѓу себе во клупските натпреварувања на Европската фудбалска унија. Иако се чини дека тимот на Јирген Клоп е фаворит, шкотските клубови биле успешни на минатите гостувања на „Енфилд“. Ливерпул ги победи Селтик (2-0, во 1966 година), Хибернијан (3-1, 1975) и Абердин (4-0, 1980), но оттогаш нема ниту една победа (две ремија и еден пораз). Селтик забележа победа (2-0) во четврт-финалето на Купот на УЕФА, во сезоната 2002/2003.

Челси ремизира (1-1) со Салцбург во второто коло, на првиот натпревар под водство на новиот менаџер Греам Потер.
– Тој ги пренесува своите идеи. Мислам дека момците добро го примаат тоа, но потребно е повеќе време сѐ да профункционира – вели Рахим Стерлинг.
Но времето можеби не е на страната на Челси, бидејќи в среда на „Стамфорд бриџ“ гостува италијанскиот и седумкратен европски шампион Милан. ПСЖ имаше задоволителен почеток на европската сезона, под водство на новиот шеф Кристоф Галтие, со победите на мечевите со Јувентус (2-1) и со Макаби Хаифа (3-1). Сега ги очекува нов сериозен тест во Лисабон, против Бенфика, која, исто така, има шест бода. Нивниот триумф на гости кај Јувентус (2-1) во второто коло беше 12-та последователна победа во сите натпреварувања сезонава. Францускиот шампион загуби на трите претходни гостувања против Бенфика (последниот пат, 1-2 во групната фаза, во сезоната 2013/2014).

– Видов многу храбар тим,кој сака да оди напред – изјави гордиот тренер Роџер Шмит. Л.Д.