Во Англија има играчи од 100 националности во професионалниот фудбал. Тоа не беше случај пред многу години, а календарот сè уште е ист. Затоа треба да се приспособиме, треба да направиме нешто, вели Инфантино

ФУДБАЛ

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, вети дека здравјето и благосостојбата на играчите ќе бидат главен приоритет при преобликувањето на меѓународниот распоред на натпревари. Предлогот на ФИФА за светско првенство (СП) на две години наиде на остри критики лани, поради загриженоста за „прегорување“ на играчите од зголемените напори, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП).
Инфантино разговараше за ова прашање во Манчестер, каде што престојуваше по покана од Здружението на професионални фудбалери (ПФА) на Англија и се сретна со нивни претставници и некои врвни играчи. На состанокот беа Пол Погба и Хуан Мата од Манчестер јунајтед, извршниот директор на ПФА, Махета Моланго, и шефот за глобален развој на ФИФА, Арсен Венгер.
– Ова беше одличен состанок. Среќен сум што играчите ни се обратија нам, особено мене, бидејќи сакаме да ги слушнеме. Играчите се клучни кога е во прашање играта. Се разбира, ние треба да се грижиме за играчите, сакаме да ги заштитиме и треба директно да разговараме со нив. Она што го сакаме е играчите да можат да се претстават најдобро што можат, не само во едно натпреварување туку на сите на кои треба да играат. Тие се соочуваат со истите проблеми, играње натпревари, финални турнири, напорни патувања од еден во друг дел на светот. Треба да направиме подобра координација во календарот на меѓународните натпревари – истакна Инфантино.
Првиот човек на ФИФА признава дека играта е значително променета откако е во сила тековниот меѓународен календар, а повеќето фудбалери сега играат далеку од своите земји и потребно им е многу повеќе време за патувања.
– Времињата се сменија, дојде глобализацијата. Во Англија имате играчи од 100 националности во професионалниот фудбал. Тоа не беше случај пред многу години, а календарот сè уште е ист. Затоа треба да се приспособиме, треба да направиме нешто – вели тој.
Инфантино истакна дека потенцијалната промена на СП на две години не беше главното прашање за кое се дискутираше на состанокот во Манчестер.
– Се спомна и тоа прашање. Има различни ставови, но ние не баравме мислење дали сте за, дали сте против. Тоа не беше главната тема – рече Инфантино.