Русија во петокот побара повлекување на војниците на НАТО од двете членки на алијансата, Бугарија и Романија, за да се смират тензиите околу Украина, а двете земји ги отфрлија, како што рекоа, таквите неприфатливи барања

НАТО ги отфрли руските барања за повлекување на силите од Романија и Бугарија, додека продолжуваат дипломатските напори да се спречи војна, откако Русија насобра десетици илјади војници на границите со Украина.

-НАТО нема да се откаже од својата способност да се штитиме и браниме едни со други, вклучително и присуството на војниците во источниот дел на Алијансата-рече портпаролката на НАТО Оана Лунгеску.

Москва побара обврзувачки гаранции од НАТО дека блокот ќе престане да се шири кон исток и ќе се врати на границите од 1997 година, пишува Ројтерс.

Русија во петокот побара повлекување на војниците на НАТО од двете членки на алијансата, Бугарија и Романија, за да се смират тензиите околу Украина, а двете земји ги отфрлија, како што рекоа, таквите неприфатливи барања.

На прашањето што ќе значат гаранциите за Бугарија и Романија, кои се приклучија на НАТО во 1997 година, министерството рече дека Русија сака сите војници, оружје и друга воена опрема да се повлечат од двете земји. НАТО ги отфрли барањата, велејќи дека тие ќе создадат земји од прв и втор ред во НАТО, што Алијансата не може да го прифати.

-Ја отфрламе секоја идеја за сфери на интерес во Европа. Секогаш ќе одговориме на секое влошување на нашата безбедносна средина, вклучително и преку зајакнување на нашата колективна одбрана. НАТО е буден и продолжува да ја оценува потребата од зајакнување на источниот дел на нашата Алијанса-рече портпаролката.

Околу 1.000 американски и 140 италијански војници во ротација се стационирани во Романија, заедно со десетици полски војници. Во вторникот, Букурешт рече дека е подготвен да прими уште американски војници на своја територија.
Букурешт ги оцени како неприфатливи барањата на Русија за повлекување на војниците на НАТО во рамки на договорот за деескалација на тензиите во Украина.

-Таквото барање е неприфатливо и не може да биде дел од преговорите-соопшти романското министерство за надворешни работи, додавајќи дека таквите изјави се несоодветни и неосновани.

Зајакнувањето на военото присуство на Алијансата е одбранбено против сè поагресивното однесување на Русија во регионот, пишува Букурешт, и тоа покрај обидите на НАТО да оствари конструктивен дијалог, Бугарија има договор со САД за распоредување до 5.000 војници во ротација.

Бугарскиот премиер Кирил Петков инсистира на суверенитетот на својата земја, која самата избра да влезе во НАТО.

-Самите одлучуваме како ќе ја организираме нашата одбрана во соработка со партнерите-рече тој во парламентот, нагласувајќи дека Софија нема да биде членка на втората зона. Во Полска и балтичките земји се распоредени уште околу 5.000 војници на НАТО.